Меѓународни организации и интеграции



Понеделник, 27 мај 2013 година, Охрид

БИЛАТЕРАЛНИ СРЕДБИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ НА 10. КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА ПАРЛАМЕНТИ НА ПСЈИЕ

На 10. Конференција на претседатели на парламенти на ПСЈИЕ, претседателот на Собранието на Република Македонија г. Трајко Вељаноски, оствари средба со претседателот на Националниот парламент на Република Бугарија г. Михаил Миков. На средбата, двајцата соговорници разговараа за подобрување и негување на добрососедските односи.

Претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија сака да го продолжи континуитетот на средбите на највисоко државно ниво и на претставници од институциите, со цел да се зголеми меѓусебното почитување и заемна поддршка. Во оваа насока, се очекува скорешна реализација на меѓусебни посети.

На средбата се разговараше и за економската соработка и за изградбата на Коридорот 8, кој е од особено значење за двете земји, но и за целиот регион.

Беше иницирано претседателите на парламентите на Република Македонија, Бугарија, Албанија и Италија, заеднички да се обратат до претседателот на Европскиот парламент за Коридорот 8 да влезе во среднорочните финансиски проекции 2014-2020 година на Европската унија.

Од страна на претседателот на Националниот парламент на Република Бугарија, г. Миков, беше истакната поддршката на Република Бугарија во остварувањето на евроатлантските интеграции на Република Македонија. 

Претседателот Вељаноски, исто така, оствари билатерална средба со претседателот на Големото нацинално собрание на Република Турција г. Џемил Чичек.

На срдечната средба меѓу двајцата претседатели беше истакнато дека Република Македонија и Република Турција имаат редовна и успешна соработка, особено меѓу парламентните на двете држави.

Тие, исто така, изразија и задоволство од севкупните македонско-турски политички односи, кои се на највисоко можно ниво и се карактеризираат со дух на традиционално пријателство, меѓусебно разбирање, толеранција и активна соработка.

Претседателот Вељаноски се заблагодари за учеството на турската делегација на Конференцијата и истакна дека од неа ќе произлезат многу позитивни заклучоци кои ќе бидат од големо значење за целиот регион и пошироко. Меѓу темите за разговор, меѓу двајцата соговорници, беа и економската и другите видови на меѓусебна и регионална соработка.

На 10. Конференција на претседатели на парламенти на ПСЈИЕ, претседателот на Собранието на Република Македонија г. Трајко Вељаноски, оствари средба и со заменик-претседавачот на Претставничкиот дом на Босна и Херцеговина г. Милорад Живковиќ.

Двајцата соговорници на средбата беа согласни дека парламентарната соработка во изминатиот период не е на посакуваното ниво и дека подолго време не е реализирана средба на највисоко парламентарно ниво. Во оваа насока, беше договорена скорешна реализација на меѓусебни официјални посети.

Заменик-претседавачот на Претставничкиот дом на Босна и Херцеговина г. Милорад Живковиќ, на средбата информираше за внатрешните прилики во Босна и Херцеговина и за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат во евроинтегративниот процес.

Click