Меѓународни организации и интеграции



Понеделник, 27 мај 2013 година, Охрид

Отворање и воведно обраќање на претседателот Вељаноски на 10. Конференција на претседатели на парламенти на ПСЈИЕ

Почитувани колеги, претставници на парламентите на земјите учеснички во ПСЈИЕ,
Драги гости, претставници на меѓународни парламентарни собраниjа,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува особена чест, од името на Собранието на Република Македонија, да ве поздравам и да ви посакам добредојде и пријатен престој.

Со особено задоволство ја отворам 10. јубилејна Конференција на претседателите на парламентите на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Она што пред 16 години започна во Атина како автохтона и не толку формална средба на највисоко регионално парламентарно ниво, прерасна во континуиран процес и навлезе во период на зрелост, која од нас бара дополнителен развој и повисока фаза на заедничката соработка.

Особено ми е драго што на оваа Конференција присуствуваат претседатели и претставници на парламентите на речиси сите земји учеснички во ПСЈИЕ, застапени на различни нивоа од претседателите и потпретседателите на парламентите, до пратениците и националните координатори за парламентарна соработка. Разликите во нивото се произлезени од карактеристични причини за нас парламентарците. Некои се наоѓаат во, за нив, најчувствителното време - време на парламентарните избори, а некои се пред расправа и донесување на особено значајни одлуки кои бараат соодветен кворум.

Интересот и поддршката за она што заеднички го правиме за доброто на мирот, безбедноста, стабилноста, солидарноста и добрососедската соработка е препознато и во европски рамки. Тоа со своето присуство го потврдуваат претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, г. Волфганг Гросрук, потпретседателот на Европскиот парламент, г. Ласло Шурјан и генералниот секретар на Советот за регионална соработка, г. Горан Свилановиќ, на што сме им особено благодарни.

Молам, со консензус, да го усвоиме Предлогот на дневен ред на Конференцијата, кој беше усогласен од Работната група.

Благодарам.

Дозволете ми како ваш домаќин, да ја започнам нашата дводневна дебата со воведно обраќање на темите кои се предмет на нашата Конференција.

Најнапред, неколку напомени за втората тема, отворена уште на Осмата конференција во Анталија 2010 година, на која е постигната согласност да се формира Работна група, со цел да се предложат правилата и модалитетите за натамошен развој на парламентарната димензија на ПСЈИЕ, што ќе доведе до формирање на Парламентарно собрание.

Работната група во изминатите години одржа 10 состаноци и расправаше за пакет на предлог-документи, кои ќе ги разгледуваме попладнево, а нивното усвојување би било во текот на утрешната пленарна сесија.

Повеќегодишната расправа произлезе од определбата усогласувањата да се остваруваат со консензус, како гаранција дека она што ќе биде договорено нема да биде само од декларативен карактер, туку ќе биде прифатено и реализирано од сите нас заедно.

Првата пленарна сесија е посветена на новите предизвици, произлезени од економската криза и улогата на националните парламенти во справувањето со проблемите и предизвиците.

Економската криза има силно влијание и на нашиот регион и таа бара спроведување на далекусежни и сеопфатни промени и реформи на национален, регионален и глобален план. Во соочувањето со економските, енергетските и климатските предизвици, секој од нас пристапува со неопходни решенија, согласни со сопствените можности. Но, тие не можат да се разрешат на поединечна, туку на заедничка основа, на што, покрај меѓународниот, ни е потребен и регионален придонес.
Кризата покажа дека во глобално поврзаното општество, меѓусебно поврзаните економии, а особено меѓусебно зависните земји од регионот, не можат самостојно успешно да се справат со економските и финансиските проблеми. Практично, без спроведување на потребните промени и реформи, земјите од регионот економски ќе стагнираат.

Економската криза е проследена и со климатските и со енергетските предизвици, од кои зависи иднината на следните генерации. Затоа е неопходно да се идентификуваат итни и долгорочни мерки за ублажување на последиците од кризата, особено врз ранливите групи. Земјите од регионот се соочуваат со огромен предизвик да ја обезбедат идната економска динамика во контекст на зголемена конкуренција за оскудните ресурси, преку стимулирање на зелената економија, а со цел за справување со климатските промени.

Најочигледни последици од економската криза се нарушувањето на условите за бизнис, зголемувањето на сиромаштијата и високата невработеност, која особено е присутна кај младите. За среќа, во регионот имаме и држави кои се позитивно рангирани во извештаите на „Doing Business" на Светската банка, а некои припаѓаат и на брзорастечките економии. Ова отвора простор за ублажување на негативните ефекти од кризата по пат на зголемено инвестирање од соседството, како и преку подобрување на енергетските, транспортните и другите комуникации и прекуграничната соработка.

Поволното деловно и правно опкружување е еден од клучните предуслови за економско закрепнување и раст на регионот. Во време на продолжена економска криза, парламентите од ЈИЕ треба да имаат поактивна улога во процесот на економските реформи. Законодавната, надзорната и контролната улога на парламентите од регионот често е под влијание на извршната власт, што треба да биде надминато преку засилување на местото, улогата и позицијата на парламентите, што е од исклучително значење за јакнење на демократските институции.

За да можат целосно да ја играат улогата на клучна институција во политичкиот систем, парламентите треба реално да бидат респектирани од сите субјекти во политичкиот процес, и од домашните и од надворешни чинители.

Во транзиционите и постранзиционите општества на парламентите им е потребна поголема поддршка од јавноста и медиумите и поголем респект од страна на релевантните политички партии за да можат легитимно да ја остварат својата клучна улога во демократскиот живот на земјите.

Само силен и почитуван парламент може реално да ја врши контролната функција врз владата и во оваа смисла да има реални и ефикасни економски и севкупни реформи.

Од своја страна пратениците, како директни избраници на народот, се должни да одржуваат постојани контакти со своите гласачи и да ги преточуваат нивните барања и иницијативи до Владата или во конкретни законски решенија, особено на економски план.

Несомнено е дека во ЕУ постои релативен политички консензус дека Европа има одговорност кон регионот и неговата интеграција во ЕУ, но сепак, проширувањето веќе не е „голем проект“ за ЕУ. Проширувањето е долгорочен и стратегиски концепт, што не може да се мери со краткорочни резултати. За земјите од ЈИЕ членството во ЕУ сè уште претставува единствен правец што ќе обезбеди стабилност и просперитет во иднина, и покрај тоа што окружувањето е под ударот на глобалната економска криза.

Националните парламенти на земјите учеснички во ПСЈИЕ, со поддршка на Европскиот парламент, треба да преземаат постојани напори за задржување на моментумот на реформи и моментумот на проширување. Одржувањето на темпото на реформи и проширување претставуваат две страни на една иста монета и се значајни за надминување на клучните предизвици на проширувањето, како што се почитување на владеењето на правото, разрешувањето на билатералните прашања и справувањето со економските проблеми. Крајна цел на земјите пристапнички, кандидати и аспиранти, не исклучувајќи ги и земјите-членки на ЕУ, е да ги трансформираат нивните стопанства во одржливи пазарни економии, интегрирани во заедничкиот пазар.

Република Македонија, како земја во транзиција, од своето осамостојување, а особено по избувнувањето на светската економска криза, презеде серија на мерки за ублажување на последиците и за подобрување на социјално-економската состојба.

Во однос на подобрувањето на деловната клима и привлекувањето на странски инвестиции, Македонија направи темелни реформи што ја постави на 6. место според критериумот за отворање на бизниси според „Doing Bussiness", прогласувајќи ја за лидер во регионот на ЈИЕ по условите за водење бизнис.

Последната мисија на ММФ ја оцени Република Македонија како земја со стабилна економија и макроекономски перформанси, и покрај тоа што се наоѓа во услови на тешки опкружувања.

Економскиот модел што Република Македонија го реализира успева да ги амортизира негативните ефекти со кои се соочува нашата економија, како резултат на економската криза.

Економските и монетарните показатели за овој период од 2013 година, се со позитивен предзнак, а особено се очекува подобрување на состојбите во втората половина од оваа година. Тоа го предвидува и бизнис заедницата.

Генерален заклучок е дека финансискиот сектор во Македонија е стабилен и покрај сите нестабилности и несигурности што владеат во светската економија и на светските финансиски пазари. Нема системски ризици. Банките и останатите сегменти на финансискиот пазар успеваат да се справат со актуелните предизвици што ги носат европската и светската криза.

За Република Македонија стратешки приоритети остануваат зголемувањето на економскиот раст и конкурентноста на трајна основа, порастот на животниот стандард и квалитетот на живеење, намалувањето на стапката на невработеност и сл.

Ова е планирано да се оствари преку: подобрување на бизнис климата и креирање на еднакви можности за економски раст и развој на сите учесници во бизнисот; одржување на макроекономската стабилност; спроведување на фискални политики за  поддршка на економскиот раст; зголемување на странските и домашните инвестиции; спроведување на активни политики за вработување со кои се делува врз знаењето и квалификациите на понудата на работна сила; безбедно, сигурно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија, искористување на обновливите извори на енергија и зголемување на енергетската ефикасност.

Во владините програми за наредниот период предвидени се доста иницијативи и проекти за идниот развој на функционална пазарна економија, поволна и атрактивна деловна клима, поттикнување на конкурентноста базирана на знаење и иновации, како и создавање економски услови за реализација на потребните реформи за интегрирање на земјата во ЕУ и НАТО.

Во насока на подобрување на деловната клима, владините политики и мерки се фокусирани на продолжување на регулаторните реформи за поедноставување на процедурите за вршење бизнис, зајакнувањето на дијалогот со бизнис заедницата и намалувањето на трошоците и процедурите.

Во сите овие процеси, националните парламентите имаат значајна улога. Тие треба да бидат активни контролори на владината доследност во изодувањето на реформскиот пат за излегување од кризата, како во спроведувањето на генералните политики, така и во мерките, но и активни законодавни чинители во надополнувањето на овој процес. Притоа, меѓусебната соработка меѓу националните парламенти во совладувањето на сите овие глобални и регионални економски предизвици, со оглед на нивниот карактер на поврзаност, само можам да потврдам дека е повеќе од неопходна и добредојдена.

Благодарам на вниманието.

Click