15. ЕСЕНСКА СЕСИЈА НА ПС НА ОБСЕ, СКОПЈЕ, РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ЕСЕНСКА СЕСИЈА 2016, СКОПЈЕ, РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 

Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ПС на ОБСЕ) ја претставува парламентарната димензија на ОБСЕ. Составено е од 323 члена од Парламентите на 57 земји членки на ОБСЕ, покривајќи географски простор од Ванкувер до Владивосток. Тоа е единствената парламентарна организација во структурата на ОБСЕ и врши улога на неопходна врска меѓу управниот дел на ОБСЕ и претставниците што се директно избрани од народот. 

Парламентарното собрание на ОБСЕ е основано во 1991 година во Мадрид под името Парламентарно собрание на Конференцијата за безбедност и соработка на Европа (КБСЕ). На средбата одржана во април 1991 година, 34 претседатели на Парламентите од земјите потписнички на Хелсиншкиот финален акт, ги усвоија основните акти на ова Парламентарно собрание во таканаречената Мадридска декларација. 

Делегацијата на Собранието на Република Македонија, во состав од тројца пратеници, за прв пат учествуваше во активностите на ПС на ОБСЕ на 2. Годишна сесија на Парламентарното собрание одржана во 1993 година во Хелсинки. На оваа сесија, како и на сесиите одржани во Виена (1994 г.) и Отава (1995 г.), делегацијата учествуваше со статус на набљудувач. 

Откако стана земја членка на ОБСЕ и на ПС на ОБСЕ во 1995 година, почнувајќи со сесијата одржана во Стокхолм во 1996 година, делегацијата на Собранието на Република Македонија зема учество во сесиите на овој форум и во обликувањето на политиките и одлуките како земја учесничка. 

Парламентарното собрание на ОБСЕ одржува редовни годишни, зимски и есенски сесии

Првата годишна сесија на ПС на ОБСЕ, во согласност со Мадридската декларација, беше одржана во Будимпешта во 1992 година. Следните сесии се одржаа во: Хелсинки, Виена, Отава, Стокхолм, Варшава, Копенхаген, Санкт Петербург, Букурешт, Париз, Берлин, Ротердам, Единбург, Вашингтон, Брисел, Киев, Астана, Вилнус, Осло, Белград, Монако, Истанбул, Баку и Хелсинки. На секоја од годишните сесии се расправа за тековни прашања поврзани со безбедноста и соработката во Европа, и воедно се усвојуваат декларации што подоцна се поднесуваат до надлежните власти и меродавните надлежни органи и институции на ОБСЕ.

Последната 25. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ се одржа во јули 2016 година во Тбилиси, Грузија.

На есенската сесија на ПС на ОБСЕ, одржана меѓу 15 и 18 септември 2015 година во Улан Батор, Монголија, беше прифатена кандидатурата на Собранието на Република Македонија за домаќин на следната есенска сесија на ПС на ОБСЕ.

Од 29 септември до 2 октомври, парламентарците на ОБСЕ ќе се сретнат во Скопје на 15. Есенска сесија на Собранието. Составена од Медитерански форум, парламентарна конференција и средба на Постојаниот комитет, Есенската сесија ќе им овозможи на парламентарците ширум регионот на ОБСЕ да расправаат за важни прашања поврзани со обврските и вредностите на ОБСЕ. Втората сесија на парламентарната конференција, закажана за 1 октомври, се очекува да опфати и тркалезна маса со шефовите на теренските операции на ОБСЕ во Југоисточна Европа. Оваа година темата на парламентарната конференција е „Зајакнување на мерките за градење доверба и добро управување во регионот на ОБСЕ“.

 Сите средби од Есенската сесија ќе се одржат во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје. Есенската сесија е отворена за акредитирани членови на медиумите.