Собраниско раководство



Понеделник, 30 ноември 2009 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со министерот за меѓународна одбрана на Обединетото Кралство, бароницата Ен Тејлор

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски денеска го прими министерот за меѓународна одбрана на Обединетото Кралство, бароница Ен Тејлор од Болтон.

Во разговорите, претседателот на Собранието ги истакна високо развиените односи меѓу двете држави и изрази благодарност за принципиелната поддршка и помош која ја дава Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска кога станува збор за остварување на нашата стратешка цел - евроатлантските интеграции

„Република Македонија се определи за членство во НАТО, не само со цел да биде во рамките на колективната безбедност, туку поаѓајќи од фактот дека мирот е неделива категорија, ние сакаме и ја остваруваме нашата одговорност и придонес за зачувување на мирот преку наше активно учество во повеќе мировни мисии ширум светот. Во тие рамки е и мировната мисија ИСАФ во Авганистан каде што имаме 174 припадници на нашата армија“, истакна претседателот Вељаноски.

„Сакам да истакнам дека и по Самиотот во Букурешт кога Македонија не доби покана за членство во НАТО само поради апсурдниот спор околу нашето уставно име наметнато од нашиот јужен сосед, иако ние ги исполнивме сите услови, Република Македонија продолжува активно да учествува во мировните  мисии на Алијансата, но и другите меѓународни организации, со што уште еднаш ја покажуваме нашата оговорност за светскиот мир. Се надевам дека сега кога заслужено го очекуваме датумот за започнување на преговорите со ЕУ, нема повторно да се повтори Букурешт“, додаде претседателот Вељаноски.

Во продолжение, претседателот Трајко Вељаноски се задржа на улогата на Собранието во остварувањето на цивилната, односно парламентарната контрола врз армијата, што е еден од основните принципи на демократијата.

Министерот за меѓународна одбрана на Обединетото Кралство, бароницата Ен Тејлор, истакна дека Република Македонија досега се потврди како држава која дава значаен придонес во мировните мисии и тоа ние го цениме.

„Во истовреме Македонија дава голем придонес во стабилноста на регионот. Јас се надевам дека вашата држава многу брзо ќе стане полноправна членка на НАТО. Иста така, Обединетото Кралство во целост ја поддржува Република Македонија кога станува збор за нејзиното членство во ЕУ, а во тие рамки и добивањето на датум за започнување на преговорите“, истакна бароница Ен Тејлор.

Click