Собраниско раководство



Петок, 5 ноември 2010 година

СОБРАНИСКАТА ДЕЛЕГАЦИЈА НА СРЕДБА СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СЕНАТОТ НА КАНАДА

Посакувајќи им срдечно добредојде на колегите од Македонија, претседателот на Сенатот на Канада, г. Ноел Кинсела, потенцираше дека односот меѓу двете држави има долга историја, која ги надминува границите на 1991 година, но и дека Канада без потешкотии го употребува зборот Македонија за некој кој доаѓа од Република Македонија.

Она во што искрено верува г. Кинсела, е парламентарната дипломатија, за која смета дека полесно ги отвора вратите, од причина што ги нема ограничувањата присутни кај друг вид дипломатија.

Тој изрази подготвеност за унапредување на досегашната соработка меѓу двете држави, континуитет во однос на поддршката која Канада ѝ ја дава на Република Македонија на патот кон добивање членство во НАТО, како и разбирање за значењето на визната либерализација за македонските граѓани.

Воедно, спикерот на Сенатот, со  задоволство го сподели сознанието дека лојалноста кон Канада, ги прави препознатливи македонските иселеници, што придонесува кон зацврстување на односите меѓу двете пријателски држави.

Со средбата со претседателот на Сенатот, како и средбите со министерот за меѓународна трговија, г. Питер Ван Лоун и со претседателот на Собранието на покраината Онтарио, г. Стив Питерс, претседателот на македонското Собрание, г. Трајко Вељаноски и членовите на собраниската делегација, пратениците: г. Андреј Петров, г. Александар Николоски и г. Сафет Незири, ги заокружија средбите од агендата за официјалната посета на Канада.

Click