Собраниско раководство



Среда, 10 ноември 2010 година

Изјава по повод Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година

Почитувани,

Како што е веќе традиција, денеска, Неговата Eкселенција Ерван Фуере, aмбасадор на Европската унија кај нас и официјално ми го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во процесот на интегрирање во Европската унија. Годинешниов Извештај на Европската комисија, како и досегашните, е пред сè објективен и тоа многу јасно ги истакнува сите оние позитивни промени кои сме ги направиле, како и објективно упатува на оние прашања и полиња на кои ќе треба во иднина да посветиме многу повеќе внимание.

Како претседател на Собранието, јас сум навистина задоволен во оној дел кој се однесува на работењето на Собранието, а притоа сакам да истакнам дека тоа е резултат на сите колеги пратеници, без разлика дали седат на левата или десната страна во пленарната сала. Затоа, на сите мои колеги пратеници им изразувам благодарност за нашите постигнати резултати.

Како што знаете, Извештајот сега ќе биде многу подетално разгледуван во надлежните комисии, а верувам во расправата ќе биде ставен акцент како во иднина да ги надминеме забелешките посочени во Извештајот. Исто така, на 15-ти овој месец Извештајот на Европската комисија ќе биде на дневен ред на пленарна седница.

Почитувани,

Сите знаете дека и во овој Извештај, Европската комисија дава препорака Република Македонија да добие датум за отпочнување на преговорите со ЕУ. Така беше и минатата година. Со ова, Европската комисија само потврдува дека кај нас европските принципи, стандарди и директиви стануваат наше секојдневие и се вградуваат во нашиот правен систем. Јас верувам во тие европски принципи врз кои се темели Европската унија. Затоа, со право очекувам сега и Министерскиот совет на ЕУ да ги почитуван тие принципи и Република Македонија да добие датум.

Што се однесува до нашиот билатерален спор со нашиот јужен сосед, а кој беше причина за сите блокади, јас навистина очекувам европските принципи оваа година да ги наминат тие асурдности кои навистина на нас, како држава и како граѓани, ни донесоа многу проблеми, но сето ова не е добро ниту за целиот регион и неговите европски перспективи, а мислам дека и за самата Европска унија.

Благодарам.

Click