Собраниско раководство



Понеделник, 8 ноември 2010 година, Торонто

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ НА СРЕДБА СО МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ ВО КАНАДА

Дами и господa,
браќа и сестри,
почитувани пријатели,

За мене и членовите на делегацијата на Собранието на Република Македонија навистина е големо задоволство што сме денес овде со вас во овој божји храм посветен на патронот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија Свети Климент Охридски. Овој храм, кој е изграден во далечната 1965 година, уште еднаш потврдува дека македонскиот народ е богољубив, со длабок вековен национален, културен и јазичен идентитет. Идентитет кој знае да го зачува, да го развива и да го пренесува на своите поколенија.

Мојата посета на Канада е во рамките на развивањето на билатералните односи меѓу Република  Македонија и Канада, особено соработката меѓу парламентите. Оваа соработка се интензивираше во 2008 година кога неговата екселенција Питер Миликен, претседател на Претставничкиот дом ја посети Република Македонија. Вие сигурно знаете дека веќе имав средба  со мојот почитуван колега Миликен. На средбата и во разговорите уште еднаш беше изразено дека меѓу Република Македонија и Канада нема отворени прашања. Навистина, географски сме доста далеку, сепак нашата билатерална соработка во рамките на меѓународните организации и асоцијации е многу добра и постојано се развива, бидејќи споделуваме исти вредности и принципи, а тоа се: парламентарната демократија, почитувањето на човековите права и слободи, владеењето на правото, приватната сопственост и пазарните законитости. Во разговорите беше истакнато дека и Република Македонија и Канада, денес даваат значаен придонес во зачувување на светскиот мир и стабилност.

Во тие рамки, секако поаѓајќи од реалните можности на нашите држави, припадниците на Армиите на Република Македонија и Канада учествуваат во повеќе мировни мисии ширум светот.

Во разговорите јас уште еднаш изразив благодарност за фактот дека Канада ја признава Република Македонија под уставното име, како и за принципиелната политика и поддршка која ни ја дава Канада кога станува збор за нашето членство во НАТО и во Европската унија.

Исто така, имавме средба и разговори со претседателот на Сенатот, неговата екселенција Ноел Кинсела, како и со други високи претставници на канaдскиот парламент.

Сепак тоа што особено сакам да го издвојам е дека сите високи претставници почнувајќи од господинот Миликен, потоа претседателот на Сенатот господин Ноел Кинсела, како и другите изразија два многу значајни става.

Првиот е дека Канада е вистински пријател на Република Македонија и поаѓајќи од нејзината улога во меѓународната заедница и понатаму ќе ја поддржува Македонија во нејзините интеграции во НАТО и во Европската унија.

Вториот, исто толку значаен факт e дека во сите овие разговори беше истакната улогата на  Македоците кои живеат во Канада, и како што беше речено даваат голем придонес во развојот на билатералните односи, но и во целокупниот развој на Канада како ваша втора татковина.

И на средбата со неговата екселенција Стив Питерс, претседател на Собранието на Онтарио слушнав многу убави работи за Македоците кои живеат овде, кои како што рече се вредни и чесни луѓе, препознатливи во својата средина, кои дале и даваат голем придонес во развојот на Онтарио и на Канада. Верувајте, навистина е пријатно тоа да го слушнете од вашите соговорници.

Драги пријатели,

Дозволете да се осврнам на некои актуелни состојби во татковината. Наскоро во Брисел, Европската комисија ќе го објави Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2010 година. Очекуваме тој извештај да биде реален како што беа и минатите, а уверен сум дека и оваа година ќе добиеме препорака за добивање на датум за отпочнување на преговори за полноправно членство во  Европската унија. Вие знаете дека таква препорака добивме и минатата година, но нашиот јужен сосед Грција, злоупотребувајќи го својот статус на членка на Европската унија и принципот на консензус стави вето на добивањето на датум. Причината за ова, како што знаете е апсурдниот спор наметнат од Грција околу нашето уставно име. Апсурдност која ни е наметната уште на самиот почеток од осамостојувањето на Република Македонија. Токму овој апсурден спор околу нашето уставно име и ветото на Грција, беа причина на последниот самит на НАТО во Букурешт, Република Македонија  да не стане полноправна членка иако ги исполни сите услови. Дека станува збор за апсурдност, наметната од Грција, зборува фактот дека денес 129 држави од целиот свет меѓу нив и Канада, Соединетите Американски Држави, Кина и  Русија  го признаваат нашето уставно име и така ни се обраќаат во билатералните односи.
Само да потсетам дека кога Република Македонија, беше примена во Обединетите нации под онаа несреќна референца ФИРОМ, односно Поранешна Југословенска Република Македонија јасно е запишано во документите на Обединетите нации дека Грција заради овој спор, кој е дефиниран како билатерален, не смее да ги блокира интегративните  процеси на Република Македонија во евроатлантските интеграции, како и во меѓународните организации. За жал, Грција не ја почитува ни оваа меѓународна обврска и како што реков, го блокира влезот на Република Македонија во НАТО, како и добивањето на датум за започнување на преговорите со Европската унија.

Токму затоа Владата на Република Македонија поднесе тужба до Меѓународниот суд во Хаг, бидејќи ние веруваме во принципите на меѓународното право и во обврските кои произлегуваат од Резолуцијата на Обединетите нации, според која Република Македонија е примена како полноправна членка на Обединетите нации. Во овие изминати години како членка на Обединетите нации, Република Македонија токму поради својата јасна препознатливост и придонес во целокупната активност на светската организација беше избрана и како непостојана членка на Советот за безбедност на Обединатите нации.

Браќа и сестри,

Сега би сакал да кажам нешто повеќе за  овој апсурден спор коj ни го наметна нашиот јужен сосед, Грција. Спор кој го чувствуваме сите, и ние во татковината, и македонската дијаспора.

Секако знаете дека во рамките на Обединетите нации се водат преговори со Грција околу изнаоѓање на компромисно решение околу овој наметнат апсурден спор. И покрај тоа што ни се случи на Самитот на НATO во Букурешт и блокадата за влез во Европската унија ние остануваме во овој процес на преговори за изнаоѓање на трајно решение. Притоа многу јасно, а верувајте и многу цврсто стоиме на ставот дека тоа компромисно решение во никој случај не смее да го загрози македонскиот национален, културен и јазичен идентитет. Ниту оваа Влада, ниту која било друга не може да преговара и да прави компромис околу овие вредности на македонскиот народ. Сакам да истакнам дека за ова во Република Македонија имаме целосен политички консензус од сите партии, без разлика на нивната ориентираност или етнички предзнак. Тоа што според мене е многу поважно, но, во исто време, и многу пообрзувачко за нас кои сме во политиката и кои ја водиме државата е дека и граѓаните на Република Македонија без разлика на нивната национална припадност, Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми и други, без разлика на нивната верска припадност ни даваат целосна поддршка за ова прашање.

Во историјата на македонскиот народ не е прв пат некој да го негира нашиот национален, културен и јазичен идентитет. Зарем дел од македонската дијаспора не ја напушти татковината токму затоа што се чувствувале  Македонци, а беа прогонувани од најразлични власти.

Сепак македонскиот народ со својата цврста определба, свесноста за тоа што сме и кои сме, како и  непоколебливата верба во, јас би рекол, вечноста на македонскиот идентитет, секогаш ги победувал овие агресивни напади и нивните носители.
Зарем некоj денес смее и да помисли да прави компромиси со идеалите на првите Илинденци од 1903, Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Питу Гули, Јане Сандански, гемиџиите и многу други кои гинеа на Мечкин Камен и ширум цела Македонија.

Зарем некој може да ги заборави идеалите и животите на борците од Народноослободителната војна кои се кренаа против најголемото зло на минатиот век, фашизмот кој беше закана за целиот свет. Во исто време, тие се бореа и гинеа токму за Македонија како слободна држава на македонскиот народ, во која слободно ќе се зборува на македонски јазик, во која ќе има македонски образовни институции, а која во исто време ќе биде и држава на сите граѓани почитувајќи ја нивната етничка припадност.

Браќа и сестри,

Република Македонија е наша единствена татковина, друга немаме. Затоа никој не може да преговара, а уште помалку да прави компромис на штета на македонскиот народ и неговиот национален идентитет. Такво нешто би било предавство, кон сите наши предци кои се бореа за слободна Македонија. Такво нешто би било предавство кон делото на Светите браќа Кирил и Методиј кои ја донесоа писменоста кај словенските народи, со кои божјиот збор и Евангелието станаа подостапни за секој човек.

Тоа би било предавство кон нивните ученици, Свети Климент Охридски и Свети Наум кои ја поставија нашата Света Климентова Македонска православна црква. Тоа би било предавство кон делата на Браќата Миладиновци, кон идеалите опеани во нивната песна Т`га за југ, кон Рацин и кон многу други културни дејци, кои со  својата поезија и други литерарни дела  македонскиот јазик и култура го ставија на светско ниво.

Тоа би било предавство кон генерацијата која пред 20 години на 8 септември на референдум се определи за независна и самостојна држава, Република Македонија. Тоа би било предавство и кон Вас и кон целата македонска дијаспора која раштркана на сите континенти, никогаш не заборавила коjа е и што е, не го заборавила својот мајчин јазик, својата национална  култура, не ја заборавила убавата македонска народна песна и фолклор  и сето ова го пренесува на своите поколенија. Тоа би било предавство и кон сите идни генерации на македонскиот народ. Токму затоа сакам овде пред вас многу јасно да кажам таков компромис, кој ќе задира во идентитетот на македонскиот народ, нема никогаш да биде прифатен.
И токму поради зачувување на нашиот идентитет ние ќе продолжиме со преговорите. Сакам да истакнам дека некои мали чекори кои сега ги прави актуелната Влада на Грција и премиерот Папандреу, кој се сретнa со премиерот на Владата на Република Македонија се позитивни и корисни во создавање на атмосфера на доверба меѓу двете влади и двете држави. Последната таква средба беше минатиот петок во Брисел. Од друга страна, Грција продолжува со својата апсурдност и негирање на сè она што е македонско. Така деновиве грчката влада побара од Словенија, но и од другите држави-членки на Европската унија да не увезуваат вино од Македонија, ако на декларациите пишува дека виното е со македонско потекло.

Затоа јас ги разбирам изјавите и предлозите од македонската дијаспора, но и од дел од домашните субјекти дека треба да ги прекинеме преговорите.

Сепак сакам да истакнам дека само со преговори можеме да најдеме решение. А вие знаете дека ставот на оваа влада е дека кога тоа решение ќе биде постигнато ќе оди на проверка пред граѓаните, односно на референдум ќе се решава дали тоа решение ќе биде прифатено.

Браќа и сестри,

Дозволете да се осврнам и на уште некои други актуелности кои верувам ќе го привлечат вашето внимание. Ќе го споменам изборниот закон, во коj по неодамнешните измени и дополнувања се создава законска рамка во идниот мaндатен период, односно на идните избори во 2012 година во Собранието да седат и пратеници кои директно ќе ги бира македонската дијаспора.

Станува збор за 3 пратеници и тоа: еден од американскиот континент, еден од Европа,  и еден пратеник од Австралија. Овие пратеници ќе ги бирате вие овде во македонските дипломатско-конзуларни претставништва.

Со ова сакаме, како држава, многу посериозно и институционално да ја зајакнеме врската со вас, како нераскинлив дел на македонскиот народ. На овој начин, во македонскиот парламент многу поефикасно ќе се пренесат вашите интереси, проблеми и идеи, а сето ова ќе придонесе во натамошниот политички, економски и севкупен развој на Република Македонија. Исто така, убеден сум дека токму преку овие идни пратеници македонската дијаспора ќе има многу поквалитетни информации за сè она што се случува во татковината.

Во тек се активности, секако преку надлежните министерстава, како и Државната изборна комисија, за ажурирање на избирачкиот список, а во рамките на ова е и списокот на македонската дијаспора која ќе може на идните парламентарни избори да гласа. Верувам дека знаете услов да се излезе на гласање е да поседувате и македонска патна исправа, односно пасош. Во тие рамки интензивно се работи и на осовремување на процедура за добивање на македонски пасош односно да се надминат сите оние, би рекол, административно бирократски пречки кои досега беа присутни и кои неоправдано ви создаваа многу проблеми.

Почитувани пријатели,

Во разговорите кои ги имав како со највисоките претставници на канадскиот парламент, така и со претставниците на локалната самоуправа разменивме и  мислења за економските состојби во државите, особено состојбата по светската економска криза која не ја заобиколи ни Македонија.

Владата  на Република Македонија превзеде мерки кои беа во функција на надминување или ублажување на последиците од економската криза. Мерки кои се покажаа како многу успешни. Тоа многу јасно е истакнато во извештаите на меѓународните финансиски институции како што се Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската банка за развој и така натаму.

Особено внимание посветуваме на привлекување на странските инвестици преку создавање на потребната бизнис клима, од изменување на законите и законските процедури преку подобрување и модернизација на инфраструктурата, па сè до обуката на администрацијата со што сакаме Република Македониjа да стане препознатлива и привлечна инвестициска дестинација за странскиот капитал. Сметаме дека македонската дијаспора има предност во оваа област со оглед на тоа што го говори македонскиот јазик и ја познава својата татковина. При тоа, свесен сум дека патриотизмот не може да биде главен мотив за инвестиции, мотивот се основните економски законитости, затоа што секоја инвестиција  се прави заради профит. И токму тука е најголемата одговорност на нас како држава преку најразлични форми, преку нашите дипломатски претставништва, како и преку економските промотори сето ова на квалитетен начин да ви го претстави вам, но и на нашите потенцијални странски инвеститори.

Браќа и сестри,

Македонската дијаспора од секогаш била гласoт кој во светот ја ширел вистината за Република Македонија. Со зачувувањето на својот национален идентитет, култура, фолклор и обичаи и во времето кога македонскиот народ немаше своја држава вие на вашите сограѓани, но и на властите многу успешно им ја пренесувавте вистината за Македонија и за македонскиот народ. Зарем сето ова што денес го гледаме овде, зарем оваа прекрасна црква посветена на Свети Климент Охридски која вие самите ја изградивте и во која покрај верската намена, има и многу значајна јас би рекол национална и културна содржина и димензија не е вистинскиот доказ, за тоа кои сме и што сме. Македонците во својот историски и цивилизациски развој се потврдиле како народ кој припаѓа на европската цивилизација.  Народ, кој секогаш знаел да го зачува својот национален и верски идентитет, но истовремено бил и отворен кон другиот, различниот и кон другите култури и вредности. Токму овие карактеристики ја прават македонската дијаспора  препознатлива секаде каде што ја има, токму затоа Македонците овде во вашиот убав град и во цела Канада се успешни, ценети и почитувани.

Верувајте токму затоа јас лично, а верувам и другите членови на делегацијата се чувствуваме горди, се чувствуваме како да сме дома меѓу своите стари пријатели.

Браќа и сестри,

Би сакал на крајот на сите вас, кои денес сте овде, да ви изразам признание и почит за сето ова што сте го направиле и постигнале како заедница и како поединци. Во исто време, сакам да се заблагодарам за вашето искрено гостопримство, кое е карактеристика на нашиот народ. Сакам на сите вас, на вашите семејства, да ви посакам пред сè здравје и лична среќа.  Oд сето она што го видов и што го почувствував овде меѓу вас, убеден сум дека вие и понатаму успешно како и досега ќе работите на зачувување на македонскиот национален идентитет, и сето тоа ќе го пренесувате на вашите идни поколенија. И верувајте дека тоа и нам ни дава мотив, но и сила да проолжиме дома во нашата татковина да работиме на остварувањето на нашите цели, а тоа се економски и општествен развој на Република Македонија, нејзина целосна интеграција во евроатлантските структури.

Господ нека ве чува вас, нека ја чува Република Македонија каде што пред две илјади години чекорел Апостолот Павле, Господ нека ги чува сите луѓе бидејќи сите ние сме негови чеда.

Click