СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Делегација на Собранието на Република Македонија во Интерпарламентарната унија (ИПУ)

Делегацијата во Интерпарламентарната унија се состои од претседателот на Собранието, кој е шеф на Делегацијата и шест члена. Делегацијата се состои пратеници од различен пол.

Интерпарламентарната унија (ИПУ), основана во 1889 година е најстарата мултилатерална политичка организација во која членуваат 154 национални парламенти и осум меѓународни парламентарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева има статус на постојан набљудувач во Организацијата на Обединетите нации.
Како централна точка за светски парламентарен дијалог, Интерпарламентарната унија работи за мир и соработка меѓу народите и за цврсто воспоставување на претставничките институции.

За таа цел, ИПУ поттикнува контакти, координација и размена на мислења меѓу парламентите и членовите на парламентите на сите земји, разгледува прашања од меѓународен интерес и ги изразува своите ставови за тие прашања, со цел да ја поттикне активноста од страна на парламентите и нивните членови, придонесува за заштита и унапредување на човековите права, чиешто почитување е суштествен фактор на парламентарната демократија и обезбедува подобро запознавање со работата на претставничките институции и јакнењето и развојот на нивните средства за акција.

Интерпарламентарната унија прет-ставува директен извор на информации за најзначајните настани и тенденции што се одвиваат на глобален меѓународен план, а особено клучните активности на Организацијата на Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции. Таа соработува и со регионални интерпарламентарни организации, како и со меѓу-народни владини и невладини организации кои се мотивирани од истите идеали. Во оваа насока, ИПУ настојува да се обезбеди што поактивно учество на членовите на парламентите во меѓународната политика. ИПУ презема и активности за ратификација на најзначајните меѓународно-правни инструменти.

Собранието на Република Македонија е член на Интерпарламентарната унија од 1994 година. Со Одлуката за основање делегации, пратенички групи и други облици на остварување на меѓународната соработка на Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 85/2002) се основа Делегација на Собранието на Република Македонија во ИПУ, која се состои од претседателот на Собранието на Република Македонија и пет членови. 

                                                             
                                                                  Шеф на делегацијата: ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ

                Членови: СИЛВАНА БОНЕВА
                                НЕЏАТИ ЈАКУПИ
                                  ЈАНИ МАКРАДУЛИ
                       ИМЕР АЛИУ
                                   ГОРАН МИСОВСКИ
                                   РЕЈХАН ДУРМИШИ