Соопштенија



Понеделник, 26 декември 2011 година

Деветнаесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Деветнаесеттата седница, одржана на 23 декември 2011 година, како матично работно тело ги разгледа:

  • Предлогот на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвото АД за истражување, проектирање, производство и изградба на енергетски индустриски објекти со полна одговорност ЕМО Охрид, по скратена постапка;
  • Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (по скратена постапка).

- Воведно образложение по првиот Предлог-закон даде заменикот на министерот за финансии, г. Надим Рамизи, кој потсети дека во декември 2008 година Собранието на Република Македонија го донесе Законот за претворање на побарувањата на Република Македонија во траен влог во четири друштва со доминантен државен капитал.

Концептот на тој Закон е насочен Владата да го презема делот на долговите кои се однесуваат токму спрема Република Македонија, а приватните инвеститори или стратешките партнери, кои ќе победат на јавен тендер за продажба на акциите го презема делот на долговите што друштвата ги имаат спрема приватни кредитори и деловни соработници, но и консолидацијата и рестартирањето на овие фабрики.

На таков начин, со спроведената конверзија значително се намалија обврските на ЕМО АД, а во однос на долговите по основ на јавни давачки спрема Република Македонија заклучно со 31.12.2008 година целосно се надминаа, вклучувајќи ги и придонесите за задолжително социјално осигурување на вработените.

Во меѓувреме, ЕМО АД продолжи да работи, течеа јавни огласи за продажба на државниот капитал. Меѓутоа со продолжување на деловниот процес, настанаа нови долгови на Друштвото по основ на јавни давачки кои ја оптоварија неговата идна продажба и го намалија интересот кај инвеститорите.

Со овој Предлог-закон се предвидува овие побарувања на Република Македонија да се претворат во траен влог во ЕМО АД, а целта е секако продажба на државниот пакет на акции.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Митре Велјаноски, г. Харалампие Шокароски, г. Марјанчо Николов и г. Александар Николовски.  

На крајот од расправата, Комисијата со 6 гласа „за" и 2 „воздржани",  заклучи дека не се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог на закон и му предлага на Собранието да го разгледа и донесе законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвото АД за истражување, проектирање, производство и изградба на енергетски индустриски објекти со полна одговорност ЕМО Охрид.

- По Предлогот на законoт за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување беа поднесени 3 амандмани од овластените предлагачи: г. Марјанчо Николов, г. Миле Андонов, г. Стојко Пауновски, г. Самка Ибраимовски, г. Панче Орцев и г. Борче Ставров, кои Комисијата со два гласа „за“ и шест „против“ не ги усвои.

Врз основа на членот 149 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, на Предлогот на законoт на предлог на пратеникот г-ѓа Лилјана Кузмановска, Комисијата за финансирање и буџет поднесе еден амандман кој Комисијата едногласно го усвои. Амандманот е  од техничка природа.

Комисијата со шест гласа „за“ и два „против“ заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Click