Соопштенија

Вторник, 25 октомври 2011 година

Трета седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции, на Третата седница, расправаше за Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година. На седницата на Советот присуствуваа: г.Сандор Матјуш од Амбасадата на Република Унгарија во Република Македонија, г-ѓа Марта Прзениосло, заменик-шеф на мисија, Амбасада на Република Полска во Република Македонија и г-ѓа Марина Курте, советник за европски интеграции и правни прашања во Делегацијата на ЕУ во Република Македонија.

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжена за европски прашања, г-ѓа Теута Арифи, ги изнесе размислувањата по однос на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година и констатациите кои произлегуваат од истиот. Госпоѓа Арифи оцени дека Извештајот на Европската комисија е позитивен, најпрво поради фактот што Комисијата ја повторува препораката за отпочнување на пристапните преговори, што за земјата претставува најголем и најпозитивен елемент од Извештајот.

Беше даден краток пресек на содржината од Извештајoт, односно трите области: политички критериуми, економски критериуми и делот на acquis-то. Во однос на политичките критериуми, најважна дефиниција е дека како земја продолжуваме да ги исполнуваме критериумите во однос на членството во ЕУ. Во Извештајот позитивно се оценети: успешното спроведување на последните парламентарни избори спроведени по меѓународни стандарди, реализирањето на политичкиот дијалог во Собранието на Република Македонија после изборите и процесот на градење на коалицијата и реализацијата на обврските кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор. Се бараат поголеми напори и работа во две идентификувани сфери - реформите во судството и јавната администрација. 

Во однос на исполнувањето на економските критериуми, Извештајот на Комисијата нотира напредок во создавањето на функционална пазарна економија, енергетиката и фискалната модернизација, но исто така се подвлекува дека и во овој дел треба да се работи повеќе во делот на другите реформи во рамките на економскиот систем.

Во делот кој се однесува на хармонизацијата на законодавството на Република Македонија со правото на ЕУ, г-ѓа Арифи истакна дека се поздравува динамиката на хармонизацијата и посебно улогата и придонесот на Собранието во овој процес. Се очекува побрза имплементација на законодавството, со цел граѓаните да ги почувствуваат позитивните страни од хармонизираното законодавство.

По завршување на јавната дебата за Извештајот за напредокот на Република Македонија, многу е важно да се пристапи кон брзо и конкретно адресирање на сите забелешки адресирани во Извештајот. Госпоѓа Арифи информираше дека во заклучна фаза е вториот Акциски план за вториот дел од листата на задачи од Унијата, во кој се адресирани задачите со рок на нивна реализација до крај на месец мај 2012 година. До средината на декември оваа година, Владата на Република Македонија ќе ја донесе ревизијата на НПАА за 2012 година, во која ќе се адресираат сите прашања нотирани во Извештајот на Европската комисија за напредокот во 2011 година.

Во расправата на седницата на Националниот совет, со свои дискусии, сугестии и препораки, учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Советот; г-ѓа Силвана Бонева, потпретседател на Советот; г. Антонио Милошоски, г.Гордан Георгиев, г. Илија Димовски, г. Тито Петковски, г. Кенан Хасипи, пратеници и членови во Советот; г. Арбен Љабеништа, пратеник и заменик-член во Советот; г.Димитар Мирчев, член на Националниот совет и претставник од Кабинетот на претседателот на Република Македонија; г. Антони Пешев, претставник од Стопанската комора на Македонија и г. Живко Митревски од Сојузот на синдикати на Македонија.

На истата седница, Националниот совет за евроинтеграции донесе нов Деловник за работа на Советот, го усвои Планот на активности на Националниот совет за евроинтеграции за реализација во периодот октомври 2011 - октомври 2012 година, како и Анексот 2 за организирање на јавни расправи до крајот на годината, што произлегува од Мислењето на Советот за усвојување на правото на Европската унија во текот на 2011 година.

дневен редзаписник стенографски белешки

Click