Собраниско раководство

Понеделник, 5 декември 2011 година

Изјава на претседателот Вељаноски по донесената пресуда на Меѓународниот суд на правдата

Денес, по три години од отпочнувањето на процесот на Република Македонија против Република Грција за прекршување на Времената спогодба, Меѓународниот суд на правдата ја донесе конечната пресуда, со која најсилно беше потврдена недвосмислената реалност дека нашиот јужен сосед свесно ја прекрши Времената спогодба од 1995 година.

Со оваа историска одлука, Судот ги отфрли аргументите на Република Грција, со што даде силна потврда на политиката на мирољубива коегзистенција и прифаќање на демократските стандарди кои се носечка политичка одредница на македонската држава веќе две децении.

Дозволете, посебно да потенцирам дека исклучително високо ја цениме потврдата на Меѓународниот суд дека Република Македонија во преговорите настапила со ДОБРА ВОЛЈА со што во целост беа одбиени тврдењата на Грција ЗА СПРОТИВНОТО.

Ваквата разврска е, исто така, најсилна верификација и за македонските стремежи и приоритети, но и недвосмислен одговор насочен кон сите оние коишто на најразличен начин изминатите години ја обвинуваа Република Македонија за наводната недоволна посветеност во евроатлантските интеграции.

Република Македонија со таква волја и со такви цврсти залагања продолжува и понатаму.

Македонските граѓани треба да се горди затоа што добија највисока меѓународна верификација на сите легитимни уверувања за кои сите заеднички се залагавме во изминатиот период.

Дозволете да го искажам и моето длабоко уверување за продолжување на градењето на добрососедски односи на почитување и соработка со Република Грција во духот на пријателството и регионалната стабилност.

Исто така, силно верувам дека ваквиот исход ќе придонесе за дополнително катализирање на европските и евроатлантските интеграции, кои претставуваат носечки национален, односно државен интерес за Република Македонија.

Од мое лично име, како и од името на македонскиот законодавен дом, дозволете да им честитам на граѓаните за овој значаен правен врв кој го искачи нашата татковина, Република Македонија.

Благодарам.

 
Click