Собраниско раководство



Четврток, 13 октомври 2011 година

ИЗЈАВА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ ПО ПОВОД ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА НАПРЕДОКОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА 2011 ГОДИНА

Почитувани,

Како што е веќе традиција, денеска и официјално ни беше предаден Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во процесот на интегрирање во Европската унија. Годинешниов Извештај, како и досегашните, е објективен приказ на сите оние позитивни промени кои сме ги направиле, но и прашањата и сферите на кои во иднина ќе треба да посветиме многу повеќе внимание.

Како претседател на Собранието, јас сум задоволен во делот кој се однесува на работењето на Собранието, и кој е одраз на заедничката работа на сите колеги пратеници, и на мнозинството и на опозицијата.

Како што е практика, Извештајот сега ќе биде многу подетално разгледуван во надлежните комисии, а верувам во расправата ќе биде ставен акцент како во иднина да ги надминеме забелешките од Извештајот. Исто така, на 17-ти овој месец Извештајот на Европската комисија ќе биде на дневен ред на пленарна седница.

 Почитувани,

Ова е трет Извештај во кој Европската комисија дава препорака Република Македонија да добие датум за отпочнување на преговорите со ЕУ.

Европската комисија по трет пат потврдува постоење на европските стандарди кои постепено стануваат наше секојдневие и се вградуваат во нашиот правен систем.

Затоа, со право, очекувам сега и Министерскиот совет на ЕУ да ги почитува тие принципи и Република Македонија да добие датум, и конечно билатералениот спор со нашиот јужен сосед да престане да биде причина за сите наши блокади. Сето ова за доброто и на регионот и неговите европски перспективи, а и за доброто на Европската унија.

Благодарам.

Click