Собраниско раководство

Понеделник, 17 септември 2012 година

Претседателот Вељаноски го прими еврокомесарот г. Штефан Филе, задолжен за проширување и европска соседска политика

Изразувајќи задоволство од средбата, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, истакна дека Собранието, како и досега, покажува институционален капацитет да одговори и да ги реализира сите обврски кои произлегуваат од Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската унија.

Претседателот Вељаноски потенцираше дека како Парламент, и во минатото и сега, а така ќе биде и во иднина, имаме капацитет демократски и во рамките на институциите да ги решаваме сите прашање и разлики кои се појавуваат во политиката.

Информирајќи за сработеното во периодот од првата овогодинешна посета на комесарот Филе на Република Македонија во средината на март, па досега, во собраниска процедура поминале и се усвоени 145 закони, од кои 33 се ратификации, а 17 се од таканаречениот патоказ.

„Во овој период, на дневен ред на пленарните седници беа ставени и разгледани и 25 точки кои ги предложи опозицијата. Сето ова зборува за интензивна активност на Собранието за неговата одговорност во процесот на евроинтеграцијата на Република Македонија, а притоа сакам да истакнам дека кога станува збор за европската агенда во Собранието имаме целосен консензус, што ја покажува европската определба на сите политички субјекти.

Тоа се покажа и неодамна, кога го усвоивме Законот за следење на електронските комуникации, Закон кој се носи со двотретинско мнозинство. На крајот на минатата недела во Собранието беа доставени од Владата на Република Македонија закони кои произлегуваат од таканаречениот патоказ, а јас на седница, која ќе ја закажам за 25 септември, ќе ги ставам на дневен ред. Токму затоа, очекувам и оваа година, во извештајот на Европската комисија, по четврти пат, да биде позитивно оценета улогата на Собранието и Република Македонија да добие датум за отпочнување на преговорите“, истакна претседателот Вељаноски.

Еврокомесарот г. Штефан Филе, изразувајќи благодарност за средбата, истакна дека високо ја цени круцијалната улога на Собранието во целиот овој процес, како и улогата и посветеноста на претседателот Вељаноски во остварувањето на европската агенда.

„Верувајте дека сето ова што го имате сработено како Парламент, ќе има силен одраз во финалниот извештај за напредокот на вашата држава. Ова е важно, како за Европската комисија, така и за секоја држава-членка“, истакна комесарот Штефан Филе на средбата со претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски.
Click