Собраниско раководство

Петок, 21 декември 2012 година 

Претседателот Вељаноски го прими министерот за надворешни работи на Република Турција, г. Ахмет Давутоглу

 
На средбата и двајцата соговорници ги истакнаа високо развиените пријателски односи помеѓу Република Македонија и Република Турција, реафирмирајќи го заемниот интерес таа соработка и понатаму да се развива.

Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, посебно ја истакна принципиелната и конструктивната поддршка која Република Турција ја дава на Република Македонија во процесот на интегрирањето во Европската унија и НАТО, како и ставот на Република Турција за пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, кој посебно се гледа во признавањето и употребата на нашето име, како во билатералните, така и во мултилатералните односи

Потсетувајќи на Стратегијата за јакнење на билатералните односи потпишана во 2008 година, претседателот Вељаноски истакна дека ова традиционално пријателство помеѓу двете држави и народи денес се одвива и развива на сите полиња. Тоа што причинува посебно задоволство е соработката во економијата, односно помеѓу бизнис заедниците на двете држави.

Зборувајќи за парламентарната соработка, претседателот Вељаноски подвлече дека таа е интензивна и тоа на сите нивоа, од средби на групите за пријателство помеѓу двата парламента, средби на парламентарни комисии, па до ниво на претседателите на парламентите, што секако дава голем придонес во целокупните односи.

„Притоа сакам посебно да ја истакнам и улогата на турската етничка заедница кај нас, која секогаш покажала максимална лојалност кон државата и која дава голем придонес во целокупниот општествен развој на Република Македонија“, додаде претседателот Вељаноски.

Осврнувајќи се на одлуките на министерскиот совет на Европската унија, претседателот Вељаноски истакна дека иако и овојпат не ја добивме заслужената покана за почеток на преговорите, Република Македонија и понатаму интензивно ќе продолжи со реформите на сите полиња.

„Наша стратешка определба е полноправно членство во Европската унија, а во тие рамки и целосна интеграција на регионот, што е во интерес на сите држави, како и на Европа во целост“, потенцира претседателот Вељаноски. 

Во однос на регионалната соработка, претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија, како и досега, интензивно ќе работи на развивањето на добрососедските односи со сите, бидејќи само така можеме да обезбедиме негова стабилност и да ги оствариме евроатлантските перспективи што е заедничка определба.

Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, потсети дека во рамките на македонското претседавање со ПСЈИЕ, се предвидува во Охрид, во мај идната година, да се одржи Конференција на претседатели на парламентите учеснички на ПСЈЕИ и очекува на Конференцијата да присуствува и претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, г. Џемил Чичек.

Министерот Давутоглу, заблагодарувајќи се за денешната средба, истакна дека Република Македонија за Република Турција била и останува голем пријател и многу значаен партнер и субјект, како на регионално ниво, така и пошироко.

„Токму затоа убеден сум дека нашите билатерални односи на сите нивоа ќе продолжиме да ги развиваме во интерес и задоволство на двете држави и народи, како и во интерес на целиот регион и неговата стабилност.

Притоа, посебно сакам да истакнам дека токму парламентарната соработка, на која јас гледам како соработка меѓу народите досега, а и во иднина ќе дава голем придонес за натамошно развивање на целокупните односи помеѓу нашите држави.

Затоа, искрено и со големо задоволство, очекуваме во блиска иднина да ја посетите Република Турција“, истакна министерот за надворешни работи на Република Турција, г. Ахмет Давутоглу.

Click