ЕУ вести



Четврток, 22 ноември 2012 година

Доделена филмската награда „Лукс“

Филмот „lo sono Li“ („Шун Ли и поетот“) на Андреа Сегре (Франција/Италија), во кој глуми и популарниот Раде Шербеџија, е добитник на филмската награда „Лукс“ за 2012 година, која ја доделува Европскиот парламент

Филмот ги истражува проблемите со имиграцијата и конфликтите помеѓу припадниците на традиционалната заедница и индивидуалната аспирација. Се раскажува атрактивна приказна за пријателство кое ги разбива стереотипите и предрасудите кон странците.

Наградата ја врачи претседателот на Европарламентот, г. Мартин Шулц, за време на вчерашната свечена церемонија во рамките на пленарната седница во Стразбур.

„Наградата помага да се разбие јазичната бариера и географските граници, како би се овозможило што повеќе луѓе да ги видат овие филмови, да дискутираат за нив, а со тоа да придонесат кон заедничкото европско културно поле “, истакна првиот европарламентарец, г. Шулц.

Заблагодарувајќи се за наградата на сите членови на Европскиот парламент и организаторите, продуцентот Андреа Сегре го истакна значењето на наградата во ширењето на независната европска кинематографија.

„Имам направено повеќе од сто филмови и резултатот на екранот не е секогаш она што го очекувате, но во овој случај сум навистина горд, бидејќи направивме нешто близу уметност“, изјави актерот Раде Шербеџија.

Филмот „lo sono Li“ („Шун Ли и поетот“) победи во конкуренција на финалистите: „Само ветер" на Бенце Флигауф (Унгарија, Германија, Франција) и „Табу“ на Мигел Гомеш (Португалија, Германија, Франција, Бразил).

Европарламентот ја доделува наградата „Лукс“ секоја година на филмови кои илустрираат основните вредности на европскиот идентитет, ги истражуваат европските културни разноликости или нудат поглед на процесот на градење на самата Европа.

Како дел од наградата, Европарламентот го плаќа преводот на трите финалисти на сите службени јазици во ЕУ, како и адаптација на истите за луѓето со оштетен слух и вид.

Годинава, за прв пат откако е доделена оваа награда во 2007 година, Европарламентот одржа „Денови на ‘Лукс’ филмот“, за време на кои трите филмови финалисти беа прикажани во сите земји-членки на Европската унија.

Click