ЕУ вести



Среда, 28 ноември 2012 година

ЕУ вложува во високото образование

Европската комисија денеска усвои нов пакет поддршка за високото образование во Регионот европско соседство. Преку програмите „Ерасмус Мундус“ и „Темпус“ се поттикнува соработката во високото образование помеѓу Европската унија и остатокот од светот.

„Вложувањето во луѓето е клучна цел на соседската политика. Тоа е причината зошто во последните години значително ги зголемивме средствата за нашата високообразовна програма во соседството“, изјави комесарот на Европската комисија за проширување и европска политика на соседство, г. Штефан Филе.

Програмата „Ерасмус Мундус“ има за цел да го подобри квалитетот на високото образование во Регионот европско соседство, со промовирање на мобилност и академска соработка помеѓу универзитетите и студентите.

Во 2013 година ќе се доделат околу 228 целосни стипендии за студентите во Регионот европско соседство за следење на мастер курсеви во ЕУ, а ќе се финансираат и 20 партнерства помеѓу универзитети од партнерските земји и ЕУ. 

Додека програмата „Ерасмус Мундус“ се фокусира на мобилност, програмата „Темпус“ има за цел да ја поддржи модернизацијата на високото образование во земјите партнери и да поттикне институционална соработка помеѓу високообразовните институции во ЕУ и партнерските земји.

Таа се однесува на модернизација на наставните планови, управувањето на универзитетите и структурни реформи во високото образование. Од буџетот за 2013 година, преку оваа програма ќе се финансираат 65 нови проекти.

Вкупниот буџет издвоен за програмата „Ерасмус Мундус“ во Регионот европско соседство за 2013 година изнесува 74,2 милиони евра, додека за програмата „Темпус“ – 58,85 милиони евра.

Click