Собраниско раководство

Петок, 14 септември 2012 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на Конференција-дискусија по повод 15 Септември, Меѓународниот ден на демократијата, на тема: „Демократијата и родовата еднаквост"

Почитуван потпретседател на Владата на Република Македонија,
Почитувани пратенички на Собранието на Република Македонија,
Почитувани претставници на Обединетите нации и други меѓународни организации во Република Македонија,
Ваши екселенции,
Почитувани претставници на невладиниот сектор,
Дами и господа,

Политиката на родовата рамноправност и зајакнувањето на жените, претставува едно од фундаменталните начела на демократијата и општествениот поредок.Родовата рамноправност е загарантирана со Уставот како највисок правен акт во државата. Справувањето со постојните родови нееднаквости, подразбира да се работи различно со жените и мажите, бидејќи тие честопати имаат различни потреби и приоритети, се соочуваат со различни пречки, имаат различни аспирации и придонесуваат кон развојот на општеството на различни начини.

Во овој контекст, родова рамноправност од перспективата на жените би значело тие да работат во свое име, со сигурност и јасно да ги претставуваат своите гледишта со цел да бидат слушнати и земени предвид. Тоа значи, унапредување на вклученоста на жените како и на мажите во консултациите и во донесувањето на одлуки на сите нивоа.

Кога станува збор за родова еднаквост, во законската регулатива во Република Македонија постојат два пристапа кои се надополнуваат еден со друг. Постојат закони кои содржат позитивни мерки преку кои се осигурува родовата еднаквост, но постои и посебен закон, Закон за еднакви можности на жените и мажите кој за првпат е донесен во 2006 година, како и новиот во 2012 година.

Законот има за цел да ги уреди основните и посебните мерки за воспоставување на еднаквите можности за жените и мажите, како и надлежностите, задачите и обврските на субјектите одговорни за воспоставување на еднакви можности.

Тој и уште многу други закони се донесени во интерес на родовите. Такви одредби се вградени во Законот за средно образование, Законот за внатрешни работи, Кривичниот законик, Законот за наследување, Закон за локална самоуправа , Законот за избор на пратеници, Законот за локални избори; Законот за политички партии, Измени и дополнувањата на Законот за семејството, Измените и дополнувањата на Кривичниот законик; Законот за работни односи; Законот за судовите како и Изборниот законик.

За време на моето претседателствување со Собранието на Република Македонија, беше донесен Законот за високо образование, со кој се предвиде еднаков пристап до високообразовните установи за сите граѓани и забрана на дискриминација по било која основа.

Потоа, во 2008 година, се донесоа Измените и дополнувањата на Законот за еднакви можности на жените и мажите кои имаа за цел усогласување на дефинициите за дискриминација содржани во Законот со Директивата 2002/73/ЕС на Европскиот парламент и на Советот.

Во 2009 година се донесе Законот за социјална заштита со кој се забранува директна или индиректна дискриминација врз основа на пол, раса, боја на кожата, национална, социјална, политичка, верска, имотна и општествена припадност, во однос на остварување на правата од областа на социјалната заштита.

Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој го донесовме во 2010 година, обезбеди спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија, закони и ратификувани меѓународни договори.

И на крајот, во 2012 година, како што веќе споменав, беше донесен нов Закон за еднакви можности на мажите и жените, со кој се воспоставуваат еднаквите можности на жените и мажите во политичката, економската, социјалната, образовната, културната, здравствената, граѓанската и во која било друга област од општествениот живот. 

Почитувани присутни,

Во Собранието на Република Македонија, како што знаете, бројот на жените е 38 пратенички и претставува 30.89%. Жените во Собранието се значаен фактор како предлагачи на иницијативи, амандмани и други законски решенија.

Согласно Законот за еднакви можности, во Собранието на Република Македонија, во септември 2006 година, е формирана Комисијата за еднакви можности на жените и мажите како постојано работно тело на Собранието. Нејзината главна задача е да го следи вклучувањето на аспектите од родовата еднаквост во законската регулатива.

Надлежноста на Комисијата е да разгледува предлози на закони и други прописи од аспект на вклученоста на родовиот концепт во нив, како и да иницира донесување и изменување на закони и други прописи од областа на еднаквите можности на жените и мажите.

Во досегашната работа, оваа Комисија разгледувала голем број на закони и прашања поврзани со жените и децата. Исто така, познато е дека оваа Комисија има одржано голем број на јавни расправи во соработка со голем број на институции и невладини организации.

Клубот на пратенички е неформална група во која членуваат сите жени-пратенички на Собранието, без разлика на политичката припадност. Целта на Клубот е во континуитет да ја разгледува постојната законска регулатива преку родовата перспектива и да иницира нова доколку има потреба. Клубот, исто така, иницира настани и активности од областа на родовите прашања кои се во доменот на надлежноста на Собранието. Постоењето на овој Клуб на пратенички, кој е и еден од организаторите на оваа конференција, е гордост на Собранието, заради начинот на изнаоѓање на консензус при поставување на прашањата на политичката агенда.

Иако досега се сторени голем број на позитивни поместување на оваа тема, како донесување на закони, голем број на декларации и национални програми, кои го помагаат премостувањето на јазот меѓу мажите и жените.

Треба уште многу да се работи на оваа поле, и од мене лично, и како претседател на Собранието на Република Македонија, имате целосна безрезервна поддршка.

Во иднина би требало овој континуитет да се продолжи со уште позасилено темпо и да се воведат програми кои би ја подобриле состојбата на жените и мажите од сите аспекти, би било добро да се продолжи со идејата законите да се разгледуваат од родова перспектива, како и следна фаза воведување на родовото буџетирање.

На крајот, дозволете ми да го честитам Меѓународниот ден на демократијата и да си посакаме поголеми успеси.

Благодарам.
Click