Собраниско раководство



Четврток, 12 декември 2013 година, Тирана, Албанија

Претседателот Вељаноски во официјална посета на Република Албанија

Во рамките на официјалната посета на Република Албанија, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, се сретна со својот колега, претседателот на Собранието на Република Албанија, г. Илир Мета, со претседателот на државата, г. Бујар Нишани и со заменикот на претседателот на Владата на Република Албанија, г. Нико Пелеши.

На средбата на двајцата спикери, беше изразено задоволство од добро поставените односи меѓу двата Парламенти, како на ниво на претседатели, така и на ниво на Групите за соработка и Комисиите.

Господин Мета потенцираше дека севкупната соработка може дополнително да се зајакне, со прагматичен и конструктивен пристап кој на граѓаните ќе им обезбеди поубаво живеење. Тој изрази одлучност соработката да се подигне на уште повисоко ниво, за што многу значајни се пораките кои ги праќаат претставниците на двете држави.

Господин Мета истакна дека Албанија отворено истапува со поддршка за Република Македонија и со укажување дека таа треба да е членка на НАТО и треба да ги отпочне преговорите со Европската унија и дека кога овие прашања би зависеле од Албанија, Република Македонија одамна би била член на двете организации.

Соговорниците споделија очекување дека месецов Република Албанија ќе го добие кандидатскиот статус и воедно изразија подготвеност за споделување на стекнатото искуство кое Република Македонија како земја-кандидат може да го пренесе на својот сосед.

Албанските домаќини упатија честитки за успесите на Република Македонија во привлекувањето на странските инвестиции и во земјоделството и сточарството и изразија интерес за преземање на искуството токму во овие две области.

Економската соработка и просперитет беше потенцирана како обврска за политичарите, но и начин да се надминат и политичките потешкотии и пречки и можност преку економски напредок да се премостат одделни проблеми од минатото.

егионалната соработка, иницијативи и конкретни проекти, се моментите кои сите денешни соговорници ги препознаваат како добра можност за заеднички настап пред европските институции и одлична можност за придобивка и просперитет на целиот регион и подобар имиџ за секоја одделна држава од истиот.

На средбите беше дискутирано и за малцинствата во двете држави, посветеност кон зајакнување на меѓусебната доверба, имплементирањето на Охридскиот рамковен договор, значењето на двете малцинства во одделните држави, односот кон нив како реалност и можност за градење уште постабилен мост во односите на двете држави.

Беше потенцирано дека на Албанците во Република Македонија и на Македонците во Република Албанија се гледа како на фактор кој наместо да дели, соединува, затоа што се своевидна органска врска меѓу двете држави.

Значењето на посетите и на средбите на сите нивоа, соговорниците го сметаат за дополнителен импулс, придонес кон зајакнување на севкупните односи, унапредување на пријателските релации, но и порака и јасен сигнал до граѓаните и бизнис заедниците за уште поблиска и подобра соработка.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во рамките на официјалната посета се обрати и пред пратениците на Собранието на Република Албанија.

Click