Собраниско раководство



Вторник, 26 ноември 2013 година, Кралството Шпанија

Претседателот Вељаноски во работна посета на Кралството Шпанија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски престојува во работна посета на Кралството Шпанија, во рамки на која остварува средби со своите колеги спикери на двата дома на Парламентот на Кралството Шпанија, Конгресот и Сенатот, кои се први средби на највисоко парламентарно ниво меѓу Република Македонија и Кралството Шпанија.
 
Претседателот Вељаноски денеска се сретна со претседателот на Конгресот на Шпанија, г. Хесус Мариа Посада Морено и со членовите на претседателството на Конгресот, со кои разменија мислење за прашања значајни за двете држави.

Соговорниците изразија убедување дека токму оваа средба ќе даде поттик за унапредување и интензивирање на парламентарната соработка на двата парламента. Двајцата претседатели изразија подготвеност за соработка на сите нивоа, како меѓу претседателите, така и помеѓу комисиите и пратеничките групи за соработка.

Во фокусот на средбата беше евроинтегративниот пат на Република Македонија и на земјите од регионот, при што Вељаноски истакна дека за Македонија е значајно мислењето и ставот на Кралството Шпанија во однос на политичките и економски прашања, особено во однос на евроинтегративнот процес.

Господин Посада потенцираше дека Република Македонија и другите млади држави од Балканот имаат право да се вклучат во Европската унија и да го надминат минатото, а на европските држави им стои обврската да им помогнат и поддржат во тоа настојување.

Претседателот на Конгресот на Шпанија во однос интегрирањето на Република Македонија во ЕУ истакна дека е потребно трпение, но Република Македонија ќе биде дел од Европската унија, дека е потребно да се има разбирање за некои проблеми кои постојат во рамки на Унијата, но членството на Република Македонија ќе се случи.

Посада го потенцираше своето задоволство од блиските односи на Република Македонија со НАТО и го поздрави начинот на кој нашата држава партиципира во мисиите на алијансата.

Вељаноски и шпанскиот колега разменија мислење и за економскиот просперитет зависен од стабилноста и сигурноста на државата и регионот и се согласија дека граѓаните сакаат и се интересираат за економски просперитет, а тие како политичари се одговорни тоа и да им го обезбедат.

Во текот на денот Вељаноски оствари средба и со претседателот и членовите на Мешовитата комисија на двата дома на Парламентот на Шпанија за ЕУ прашања, при што парламентарната соработка и евроинтеграциите на Република Македонија и земјите од регионот беа прашања на кои се задржаа соговорниците. Членовите на Мешовитата комисија на шпанскиот Парламент изразија убеденост дека Македонија наскоро ќе ја имаат како свој пријател внатре во Унијата и дека токму оваа средба ќе придонесе кон забрзување на патот на Република Македонија до членството во европското семејство.

Во рамки на работната посета на Кралството Шпанија Вељаноски ќе се сретне и со претседателот на Сенатот на Шпанија, г. Пио Гарсиа Ескудеро, како и со претседателот и членовите на Комисијата за надворешна политика на Конгресот и ќе присуствува на парламентарна седница на Конгресот.

Click