ЕУ вести



Среда, 16 октомври 2013 година

Петта препорака за старт на преговори за членство на Македонија во ЕУ

Во Извештајот за напредокот на Република Македонија кој го презентираше еврокомесарот за проширување на Европската унија, г. Штефан Филе, по петти пат Европската комисија препорача отворање на пристапните преговори за членство во Европската унија.

Еврокомисијата останува убедена дека одлуката за започнување на пристапните преговори ќе придонесе за создавање на услови погодни за подобрување на добрососедските односи во целина, особено за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за прашањето за името, што е од суштинско значење. Се бара конечно да се дојде до решение, со активно ангажирање на меѓународната заедница.

Се апелира до Советот да донесе одлука за добивање датум за старт на преговорите, во спротивно се доведува во прашање кредибилитетот на процесот на проширување, кој е базиран на јасна условеност и на принципот на сопствени заслуги.

Процесот на проширување е од суштинско значење со цел да се консолидираат и да се поттикнат понатамошни реформи, како и да се зајакнат меѓуетничките односи. Дијалогот на високо ниво е корисна алатка која придонесе земјата да напредува во повеќето приоритетни области, но тој не може да ги замени пристапните преговори.

Click