ЕУ вести



Среда, 18 декември 2013 година

Состанок на Советот за општи работи на ЕУ

Советот за општи работи на Европската унија, на вчерашниот состанок во Брисел, донесе заклучок за претстојниот Самит на Европскиот совет, во кој се вели дека на прашањето за отворање на пристапните преговори со Република Македонија, ќе се наврати во 2014 година.

Советот силно ја дели процената на Европската комисија дека политичките критериуми продолжуваат да се исполнуваат и ја нотира препораката на Еврокомисијата за отворање на пристапните преговори, истовремено го поздравува фактот што ЕУ останува стратешки приоритет на земјата и го поздравува придонесот на Пристапниот дијалог на високо ниво за напредокот во најприоритетните подрачја.

Одржувањето на добрососедските односи, вклучувајќи преговори и заедничко прифатливо решение за прашањето за името, под покровителство на ОН, остануваат од суштинско значење.

Советот ја истакна потребата за конструктивна политика во национален интерес и препорача понатамошна имплементација на реформите, вклучувајќи го судството, слободата на медиумите, борбата против корупцијата и организираниот криминал, невработеноста, Охридскиот рамковен договор, Стратегијата за Ромите.

Што се однесува на останатите земји, Србија доби „зелено светло“ да ги започне преговорите за членство со основање меѓувладина конференција следниот месец, а Албанија ќе добие кандидатски статус на јунскиот самит.

Донесените предлог-заклучоци утре и задутре треба да бидат формално усвоени на Самитот на Европскиот совет од страна на шефовите на држави или влади на земјите-членки на ЕУ.

Click