Соопштенија

Петок, 13 декември 2013 година
 

Учество во работата на седницата на Мониторинг комисијата


Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Александар Николоски ќе учествува во работата на седницата на Мониторинг комисијата, која на 13 декември се одржува во Париз, Франција.

На седницата изјава ќе поднесе известителот на Мониторинг комисијата г. Роберт Валтер во однос на почитувањето и исполнувањето на обврските на Република Македонија преземени при приемот во Советот на Европа, по неговата неодамнешна посета на земјата.

На овој дел од работата на Комисијата, како претставник на опозицијата ќе учествува и членот на Делегацијата во ПС на СЕ, г. Игор Ивановски.  

Според дневниот ред, на седницата ќе има и размена на мислења со  г. Штефан Филе, комесарот за проширување и политика на соседството на Европската унија, на која, како член на Мониторинг комисијата, ќе учествува шефот на Делегацијата во ПС на СЕ, г. Александар Николоски.

На состанокот треба да биде усвоен мандатот на ад-хок комисијата која ќе работи на изнаоѓање начини за подобрување на мониторинг постапката, вклучувајќи го форматот и работните методи. Предвидено е членовите на ад-хок комисијата, исто како и членовите на Мониторинг комисијата, да бидат номинирани од страна на политичките групи застапени во Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Ад-хок комисијата ќе треба да достави Извештај до Парламентарното собрание за време на сесијата во јуни 2014 година, а доколку предложи некои измени на Деловникот за работа, тие ќе почнат да се применуваат од јануари 2015 година.    

Click