Активности

Петок, 26 септември 2014 година

Дводневна Регионална конференција во Скопје

На Регионалната конференција Транспарентност на медиумската сопственост и спречување на медиумската концентрација, што се одржа вчера и денеска во Скопје, присуствуваа претставници од парламентарната Комисија за транспорт, врски и екологија: Лилјана Затуроска, Драган Данев и Рамис Мерко. Настанот се одржа во Хотелот „Холидеј Ин“ и беше во рамките на Проектот на Советот на Европа насловен како: „Промоција на слободата на изразување и информирање на медиумите во Југоисточна Европа“, а финансиран од Норвешката влада.

Воведни обраќања на првиот работен ден од Конференцијата имаа: Марта Арсовска-Томовска, заменик на министерот од Министерството за информатичко општество и администрација; Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиуовизуелни медиумски услуги и Лејла Дервишагиќ, програмски менаџер од Одделот за медиуми на Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото при Советот на Европа. Модератори на конференцијата од Советот на Европа беа: Маја Стојановиќ, Лејла Дервишагиќ и Жан Франсоа Фернемо.

За предизвиците во новото медиумско опкружување, свое излагање имаше Жан Франсоа Фернемо, поранешен претседател на ЕПРА и поранешен директор на белгиското регулаторно тело. Бернд Малцанини од германското регулаторно тело ги сподели своите искуства и практики од спроведувањето на мерките за спречување на концентрацијата и мерки за заштита на конкуренцијата на медиумските пазари, а Дамир Хајдук говореше за електронските медиуми во Хрватска.

На вториот работен ден, професорот по право на Универзитетот во Лувен, Пеги Валце, ги изнесе своите гледишта за медиумската сопственост и медиумската концентрација, а директорот на Македонскиот институт за медиуми, Билјана Петковска, се осврна на влијанието врз интегритетот на медиумите и новинарството, притоа служејќи се со заклучоци и препораки на истражувањето спроведено од Медиумската опсерваторија за ЈИЕ. Модератор повторно беше Лејла Дервишагиќ.

На оваа четврта Регионална конференција присуствуваа и претставници на граѓанскиот сектор.

Click