Активности

Понеделник, 17 јули 2017 година

Естонија го поддржува проширувањето на ЕУ                         

Пратеничката Шпреса Хадри од 9 до 11 јули 2017 година, учествуваше на Конференцијата на претседателите на комисиите за европски прашања на земјите ЕУ членки-КОСАК, што се одржа во Талин.

На Конференцијата, естонскиот премиер Јури Ратас, ги презентираше Програмата и четирите приоритети на коишто ќе биде ставен акцентот: отворена и иновативна европска економија; безбедна и заштитена ЕУ; дигитална ЕУ и слободен проток на податоците; вклучителна и одржлива ЕУ. 

Меѓу овие четири приоритети, Естонија ѝ дава предност на дигиталната ЕУ, бидејќи оваа земја со години е предводник во дигиталната технологија.

Во рамките на расправата по приоритетите на естонското претседавање со ЕУ, свое  излагање имаше пратеничката Шпреса Хадри, која ги потенцира позитивните промени  во политичката клима во Македонија, што претставува и позитивен исчекор во евроинтегративните процеси на земјата, по двегодишната политичка криза, чија разрешница почна со предвремените парламентарни избори, во декември минатата година. 

Во таа насока, информира дека Владата  на  Република Македонија, минатата недела го усвои Акцискиот план за реализација на потребните ЕУ реформи, насловен како ПЛАН 3-6-9, при што нагласи дека следните три месеци се клучни за Македонија за да ги испорача првите сигнали дека е спремна да биде членка на Унијата, така што до одржувањето на локалните избори оваа есен, би се обезбедила аргументација за Европската комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапните преговори.

Хадри истакна дека владеењето на правото, системските реформи, рамноправноста меѓу граѓаните во согласност со Охридскиот договор, добрите меѓусоседски односи, итната евроатлантска интеграција, како и социјалната благосостојба ќе бидат столб на нашата работа.

Таа искажа оптимизам дека парламентарните партии и од позицијата и од опозицијата ќе ја потврдат својата посветеност за европскиот процес, и  земјата ќе ги отпочне преговорите за членство во ЕУ.

На крајот од расправата естонскиот премиер Ратас истакна дека Естонија е силен поддржувач на проширувањето со нови земји членки од  Западен Балкан, како и со земјите од  ЕУ-партнерството, источните соседи, како Украина и Грузија.

Click