Активности

Петок, 10 јануари 2014 година

Неопходен е дијалог за поголема доверба меѓу Македонија и Бугарија

Зголемување на комуникацијата за конкретни прашања на сите нивоа, е во заеднички интерес на Македонија и Бугарија – беше истакнато на средбата меѓу Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Бугарија и бугарскиот министер за надворешни работи, г. Кристиан Вигенин.

Претседателот на Пратеничката група, г. Илија Димовски, заедно со членовите: г. Васил Пишев, г. Гордан Георгиев, г. Саве Марачков, г. Наџи Џелили, г. Панче Орцев и г. Неџати Јакупи, изразија задоволство од средбата, истакнувајќи дека за нашата земја е многу важна поддршката од Бугарија и треба да се искористат нејзините искуства пред и по зачленувањето во Европската унија.

Присутните беа согласни дека контактите меѓу Македонија и Бугарија се отворени и дека не треба да се затвораат очите пред проблемите, туку напротив, треба да се надминат. За развивање на довербата, неопходен е дијалог.

Инфраструктурните проекти се значајни, но не треба да бидат единствени. Економската соработка е на задоволително ниво, но сè уште има неискористен потенцијал. За поздравување е зачестената комуникација меѓу Владите и Академиите за науки и уметности, но потребно е да се отвори вратата на комуникација меѓу пратениците, да се унапреди соработката меѓу универзитетите, стопанските комори, граѓанските здруженија, спортските клубови, културните манифестации... така ќе паднат сите недоверби меѓу двете земји.

Исто така, улогата на медиумите во комуникацијата меѓу двете земји, беше оценета како многу важна.

Во својата прва посета во новата година, министерот Вигенин ни посака помалку парламентарни проблеми, истакнувајќи дека за ЕУ е многу важна добрата соработка меѓу позицијата и опозицијата. Притоа, остави отворена покана за поскора посета од македонска делегација на Бугарија.

Click