Активности

Петок, 14 јули 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери на Комисијата за европски прашања

Почитувани дами и господа,
почитуван претседател на Влада, г. Зоран Заев,
почитуван вицепремиер за европски прашања, г. Бујар Османи, 
почитувани членови на Владата.
Почитувани колеги пратеници,
Ваши екселенции,
Почитувани присутни,

Евроатланските интеграции претставуваат стратешка определба на Република Македонија, определба околу која сите овие години на самостојност, има целосен политички консензус од страна на политичките субјекти, односно партиите. Уште побитен е фактот што оваа стратешка определба има голема поддршка од страна на граѓаните. Поддршка која и според последното истражување на ИРИ, е на многу високо ниво, а тоа е нешто што сите нас кои ја водиме, односно сме дел од процесите на водење на државата и институциите, нè прави уште поодговорни во насока на остварување на овие очекувања на граѓаните. Сите знае, а тоа и го чувствуваме дека,  поради спорот со името на нашата држава, во процесите на нашето интегрирање во ЕУ и НАТО имаме вистинска блокада. Меѓутоа, денес нема да зборувам за тоа. Сакам да истакнам дека сепак, сигналите кои доаѓаат од ЕУ и НАТО, притоа мислам на неколкуте последователни самити, а секако и последниот во Трст, јасно покажуваат една нова политика и еден нов, многу поактивен пристап на Брисел во насока на интеграцијата на државите од Западен Балкан, а со тоа и на Република Македонија. Политика која е поткрепена и со солидни финансиски средства, средства потребни за многу заеднички меѓутоа, и поединечни проекти. Мислам дека се наоѓаме пред еден навистина голем предизвик, а и голема историска одговорност, како пред сегашните, така и пред идните генерации, за остварувањето на нашата стратешка, а јас би рекол и историска определба, а тоа е интеграцијата во НАТО и ЕУ. Затоа, за нас е многу важно ако без предрасуди и ситно партиски калкулации, се осврнеме на тоа колку сме направиле во изминатиов период во делот на прифаќањето и имплементацијата на европските стандарди и принципи, и тоа на сите полиња. Од човековите права и слободи, како индивидуални така и колективни, преку владеењето на правото и правната држава, функционирањето на парламентарната демократија, па сè до, ако сакате екологијата, културата, невладиниот сектор и така натаму.

Почитувани,

Поминавме повеќе од две години во сериозна политичка криза, криза која што беше резултат токму на непочитувањето на тие европски принципи и стандарди. Со помош на нашите пријатели од меѓународната заедница, пред сè нашите пријатели од Брисел и Вашингтон, успеавме да почнеме со надминување на таа криза  и тоа, не на улица, не со протести  и насилство, туку во институциите, според принципите на парламентарната демократија и позитивните практики во државите членки на ЕУ. Токму во таа насока ја гледам и денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања, на која премиерот Зоран Заев и другите владини претставници, ќе ни го претстават подетално таканаречениот „План 3-6-9“, во кој се наведени приоритетите и динамиката за потребните реформи. Програма, која ќе нè врати повторно на евроатлантскиот интеграциски пат на кој што ќе зачекориме здраво, на двете нозе, и како општество и како држава.

Дами и господа,

Во „Планот 3-6-9“ кој што во суштина произлегува од познатиот договор од Пржино, како и од Владината програма за 2017-2020 година, има и конкретен дел со конкретни мерки кои се однесуваат на работата на Собранието на Република Македонија. Меѓу нив, има неколку мерки со кои јакнее надзорната улога на Собранието врз Владата, односно извршната власт. Понатаму, тоа што посебно сакам да го истакнам е вклучувањето на Собранието преку соодветните комисии во реформирањето на Управата за безбедност и контраразузнавање, на Агенцијата за разузнавање како и враќањето на суштинската надзорна улога на соодветните собраниски комисии врз овие институции, односно врз таканаречените репресивни министерства. А она што, според мое мислење, е многу значајно, е фактот што воопшто реформите на безбедносните структури мора да се одвиваат преку една широка инклузивна дискусија во Собранието, преку која дискусија ќе се кристализира моделот на реформирање на безбедносниот систем, а со тоа и на агенциите и управите кои се вклучени во истиот тој систем. Таа широка, сеопфатна дебата која подразбира вклучување и на експертската и на академската јавност, како и на невладиниот сектор, јас сум убеден дека ќе се претвори во основна алатка и тогаш кога ќе дојдат на ред и другите реформи, односно ќе ја вградиме во функционирањето на парламентарната демократија, а посебно во процесот на донесување на законите. Тоа што сакам посебно да го истакнам е реактивирањето на Клубот на жени пратенички од каде верувам ќе дојдат многу свежи идеи и размислувања и предлози. Патем  не за „џабе рекле старите“ трите столбови на куќата ги држи жената.

Почитувани,

Јас не претендирам дека историјата започнува со актуелната власт и актуелното парламентарно мнозинство кога станува збор за интеграциските процеси. Она во што јас верувам е, пред сè, искрената определба на Владата и на ова парламентарно мнозинство овие реформи, како и сите други реформи да ги правиме исклучиво во полза на граѓаните и општеството во целост. Секако, најголема одговорност за сите овие процеси има парламентарното мнозинство и актуелната Влада. Меѓутоа, во парламентарната демократија свој удел во одговорноста има и опозицијата. Како претседател на Собранието, секогаш ќе направам сè што дозволува Деловникот, Законот за Собрание и Уставот со цел, опозицијата да може на транспарентен начин да ги изнесе своите политички и програмски интереси, предлози, аргументи и критики. Меѓутоа, во исто време, од опозицијата очекувам и одговорно однесување во целокупниот законодавен процес, односно ефикасно функционирање на Парламентот. Според мое мислење, некои потези на опозицијата кои деновиве ги гледа целокупната македонска јавност, но и нашите меѓународни пријатели и партнери, не ѝ помагаат ниту на парламентарната демократија, ниту на потребните реформи и на интеграциските процеси во ЕУ и НАТО. Како прв меѓу еднаквите, јас не сакам да судам, сепак, како претседател на Собранието, имам обврска да обезбедам нормално функционирање на законодавниот дом. Затоа, се надевам дека предложениот владин План познат како „3-6-9“, како и Владината програма 2017-2020, се добра основа за создавање на вистинска инклузивност помеѓу сите парламентарни  политички субјекти. Инклузивност во која свое место мора да имаат експертската и академската јавност, а посебно уште еднаш би сакал да ја истакнам  улогата и вклученоста  на невладиниот сектор. Само така, како што реков, ќе можеме здраво, со двете нозе успешно да зачекориме на нашиот евроатлантски пат.

Ви благодарам

Click