Активности

Среда, 21 јуни 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери на Тркалезната маса на тема: „Собранието и граѓанските организации“

Почитувани претставници на организациите на граѓанското општество,
пратеници и вработени во Собранието на Република Македонија, 
Почитувани медиуми, 
Почитувани присутни,

Ми претставува особено задоволство што денес присуствувам на на тркалезната маса на тема: „Собранието и граѓанските организации“. 

Како прв меѓу еднаквите, ветив дека ќе се заложам за поголема транспарентност на Собранието и присуство на граѓаните во активностите на Собранието на Република Македонија. Заедно со пратениците, ќе се залагаме за инклузивен, отворен и одговорен законодавен дом, бидејќи парламентарните информации им припаѓаат на сите граѓани. Новиот Стратешки план ќе обезбеди и практично спроведување на оваа наша заложба. Ќе работиме во насока на директно информирање на граѓаните за улогата на законодавната власт во системот на државното уредување преку поддршка на едукативни активности за младата популација, но и социјално-економските ранливи групи. Концептот на отворен ден на Собранието секој последен петок е само еден дел од оваа визија. Ќе се работи и на програмската содржина на Собранискиот канал, како и надградување на електронската платформа со цел истата да стане проактивна. 

Почитувани, 

Го поддржувам Парламентарниот институт во активностите за целосна електронска кодификација и индексирање на документите од законодавната архива, со цел тие да станат корисни и пребарливи, но и зачувани како институционална меморија. За подигнување на нивото на парламентарната дебата, пратениците имаат потреба од информации и компаративни анализи направени од Парламентарниот институт и секако во соработка со организации од граѓанскиот сектор. 

Како дел од иницијативата Партнерство за отворена власт, се изготвува Национален акциски план во кој ние, како законодавна власт, ќе настојуваме да се инкорпорира посебен дел за да можеме да го дадеме нашиот придонес во постигнување на целите на партнерството.  

Јас во својство на претседател на Собранието на Република Македонија, длабоко сум уверен дека собраниската служба, Парламентарниот институт, асистентите на пратениците во Собранието и во канцелариите за контакт со граѓаните во општините ќе бидат вратата преку која ќе се олесни пристапот на јавноста до информациите кои доаѓаат во Собранието и по соодветната собраниска постапка излегуваат од истото. Граѓанските организации ги гледам како неопходен и вистински партнер за остварување на оваа наша визија. 

Ви посакувам успешна работа!

Благодарам на вниманието.

Click