Активности

Понеделник, 17 ноември 2014 година

Поздравно обраќање на претседателот Вељаноски на Јавна расправа за ИПА 2 фондовите

Почитувани дами и господа, 
Колеги пратеници,
Екселенции, 
Почитувани гости претставници на парламентите од регионов, 
Почитувани министри и други претставници на владини институции, 
Претставници на невладиниот сектор,
Драги пријатели,

Како претседател на Собранието на Република Македонија, би сакал на самиот почеток да изразам големо задоволство што Комисијата за европски прашања, заедно со другите комисии, ја организира оваа Јавна расправа на тема ИПА 2 (2014-2020 година) „Перспективи и можности за искористување“. 

Имено, денешнава Јавна расправа ја разбирам како континуитет, но и своевидно остварување и надградување на сето она што го содржеше Извештајот на Европската комисија, и како пофалби, но и како забелешки. Би сакал уште еднаш да истакнам дека Република Македонија и по шести пат доби препорака за добивање на датум за отпочнување на преговорите со Европската унија.

Фактот дека на денешната Јавна расправа се поканети  претставници од националните парламенти од регионот, покажува дека ние како Парламент, но и како држава, многу јасно ја манифестираме нашата одговорност и нашиот придонес за остварување на европската перспектива на регионот. 

Истовремено, со учеството на колегите од другите национални парламенти од регионот на оваа Јавна расправа, сите заедно ја покажуваме нашата определба за интеграција во Европската унија до европската јавност и европските институции. Притоа, не мислам само на некакво декларативно определување, туку дека сите ние во регионот ги споделуваме европските принципи и вредности, меѓу кои е и регионалната соработка на сите нивоа. Ова е посебно важно ако се има предвид дека во Европската унија започна нов мандатен период и затоа според мене е многу важно ако на самиот почеток, и како регион, а посебно секоја држава индивидуално, ја покаже и ја докаже својата посветеност и подготвеност за понатамошно реализирање на интегративните процеси. За жал, тука Република Македонија е блокирана поради добро познатиот спор наметнат од нашиот јужен сосед, што е во спротивност не само со препораките на Европската комисија, туку и со оние основни европски принципи, вредности и стандарди врз кои се темели здружена Европа. Но, тоа е тема за некоја друга расправа, а ние и како Парламент и како Влада продолжуваме со потребните реформи, бидејќи тие се пред сè во корист на граѓаните.

Почитувани, 

Верувам дека сите го поздравуваме фактот што со ИПА 2 фондовите на Република Македонија ѝ се доделени 664,2 милиони евра, што е повеќе од ИПА 1. Сакам, исто така, да изразам благодарност до Канцеларијата на Европската унија и амбасадорот Аиво Орав, кои, секако, имаат свој придонес во сето ова.  Истовремено, ова ја зголемува и нашата одговорност овие средства да се искористат максимално и пред сè во остварување на стратешката цел, а тоа е полноправно членство во Европската унија. 

Јас, лично, повеќепати, на билатералните средби со моите колеги од парламентите на државите-членки на Европската унија, како и на мултилатерални средби, сум истакнал дека Република Македонија сака да стане членка на Еврпската унија, но притоа да биде максимално конкурентна со другите земји-членки. Притоа мислам на функционална и ефикасна државна администрација, професионално и независно судство, квалитетен образовен систем,  развиено критично и одговорно цивилно општество, па сè до конкурентност на нашите економски субјекти.  

Имајќи предвид дека ИПА 2 програмата воведува нови пристапи во користењето на средствата, се надевам дека Владата, министерствата и другите институции, вклучувајќи го и Собранието, многу брзо ќе ги усвојат и ќе се прилагодат на овој нов пристап до средствата на ИПА. На тој начин, ако веќе сме добиле поголеми средства, наша одговорност е да искористиме најмногу што можеме. Лично, очекувам во идниот период да се зголеми процентот на искористеност на овие средства во земјоделството, образованието и во другите области. Секако, во тие рамки, сакам уште еднаш да ја истакнам регионалната соработка, посебно кога станува збор за големи инфраструктурни проекти.  

Собранието на Република Македонија досега покажа дека знае и дека може да помогне во реализацијата на ИПА програмата. Како Парламент, ние и во иднина ќе продолжиме преку законодавниот и реформскиот процес да создаваме услови за  поефикасно искористување на средствата од ИПА 2 фондовите. Истовремено, со јакнењето на нашата надзорна функција врз извршната власт, не само што ќе го следиме процесот на користење на овие средства, туку ќе можеме и да сигнализираме, па ако е потребно и да предупредиме како и каде се користат ИПА фондовите. 

Затоа, очекувам дека токму оваа Јавна расправа тоа ќе го покаже, а се надевам дека ќе ни бидат од корист и искуствата од нашите гости од другите национални парламенти. 

Дозволете ми на крајот на сите Вас да ви посакам успешна работа, а на нашите гости пријатен престој. 

Ви благодарам за вниманието.

Click