Активности

Среда, 20 мај 2015 година 

Обраќање на претседателот Вељаноски на отворањето на Парламентарниот комитет на ПД на ЦЕИ 

Дами и господа,
Почитувани колеги пратеници, членови на делегациите,

Ми претставува големо задоволство да се обратам пред вас на почетокот на сесијата на Парламентарниот комитет во рамките на Парламентарната димензија на Централновропската иницијатива која се вбројува во најстарите регионални организации на Европа. Денеска Централноевропската иницијатива здружува 18 држави, од кои десет се членки на Европската унија.

Република Македонија e полноправен член на Централноевропската иницијатива од 1993 година, а оваа година по втор пат претседава, што секако е чест, но и обврска во текот на нашето претседавање да ги оствариме сите зацртани цели и резултати, што произлегува од самата смисла и цел на Централноевропската иницијатива.

Кога веќе ја споменав целта на оваа најстара европска регионална организација, која од самиот почеток, кога во Европа сè уште формално постоеше блоковската и идеолошка поделеност, ЦЕИ ги афирмираше основните вредности на кои се темели Европската унија, а во исто време уште тогаш многу јасно се заземаше преку регионалната соработка на сите полиња и опфаќајки ги сите форми и нивоа да се оствари интеграција на целиот регион во евроатланските асоцијации, односно Европската унија и НАТО.

Почитувани пријатели,

Република Македонија од самото осамостојување, па до денес, многу јасно ги артикулира и работи на остварување на своите стратешки цели, а тоа е членство во НАТО и Европската унија. За жал, иако уште во 2008 година на самитот на НАТО во Букурешт требаше заедно со Република Албанија и Република Хрватска да станеме полноправна членка на НАТО, поради апсурдниот спор со нашето уставно име, нашиот јужен сосед, злоупотребувајќи го своето право на вето, го блокираше нашиот прием. Во рамките на Европската унија, шест години по ред добиваме препорака од Европската комисија за почеток на преговорите, но повторно со блокада на нашиот јужен сосед, датум за преговори, нема. Во меѓувреме, меѓународниот трибунал во Хаг донесе пресуда во која многу децидно и јасно пишува дека Грција нема право да ги блокира евроатланските интеграции на Македонија и дека со ова Грција крши неколку меѓународни договори и основните принципи врз кои се темели меѓународното право, но и принципите врз кои е создадена Европската унија и НАТО. Верувајте дека сето ова делува крајно фрустрирачки и има негативни последици, не само за состојбите кај нас, туку и пошироко во регионот.

Што се однесува на состојбите во Република Македонија, факт е дека сегашната криза се темели пред сè на недостаток на политичка волја кај некои политички елити, кои веќе една година не ја почитуваат волјата на народот, изразена на последните предвремени парламентарни избори од минатата година и го бојкотираат Парламентот. Убеден сум дека тоа го прават на сопствена штета, но и на штета на државата, бидејќи токму Парламентот е единствената институција каде што можат најдобро да бидат артикулирани програмите, интересите и ставовите на секоја политичка партија и на гласачите кои стојат зад нив. Сепак, како што веќе споменав, нашиот, најблаго речено, седумгодишен замрзнат статус во процесите на евроатланските интеграции, негативно влијае врз сегашната криза. Но, јас сум убеден дека разумот ќе победи и дека со помош, поточно со медијација, на нашите пријатели од меѓународната заедница и Европската унија, кризата ќе биде надмината, што е во корист пред сè на граѓаните на Република Македонија, но и на мирот и стабилноста во регионот.

Дами и Господа,

Без разлика на сето ова, Македонија во изминатиов период, како членка на ЦЕИ, има дадено голем придонес во развојот на регионалната соработка и тоа на сите нивоа и на сите полиња. Резултатите се видливи. Денес, Република Македонија има многу добра соработка со сите држави од регионот, освен со нашиот јужен сосед, но и тука веќе е скршен мразот и имаме некои првични резултати, како што е екологијата, но и други области. Притоа, Македонија сака да ги афирмира предностите што ние како регион ги имаме од земјоделството, па сè до културното наследство, како дел од европската и светската цивилизација.

Во текот на претседавањето со ЦЕИ, а поаѓајќи од фактот дека со усвојувањето на Јадранско-јонската макрорегионална стратегија, во регионот на ЦЕИ ќе се користат структурни фондови на Европската унија од три макрорегионални стратегии – Балтичко море, Подунавје, Јадранско-јонскaта. Македонија, покрај Косово, е единствената држава од Западен Балкан која не е вклучена во Подунавје и Јадранско-јонскaта стратегија, кои се однесуваат на овој регион.

Претседавањето ќе биде искористено за отворање на можности структурните фондови да бидат користени од сите најзаинтересирани земји, а прашањето ќе биде покренато и во контакт со други регионални структури. Во тие рамки, особено значење за време на македонското претседавање, ќе му биде дадено на инфраструктурното поврзување (транспортно, енергетско и друго), афирмирајќи ја Македонија како крстопат на двата најважни коридори во регионот –  десет  и осум. Понатаму, се предвидува одржување на бизнис форум и ред други активности за кои носители се соодветни институции кај нас, секако во координација со генералниот секретаријат на ЦЕИ и веќе усвоениот „План за активности 2014-2016 година“.

Почитувани колеги,

Мое скромно мислење е дека за остварување на сите овие активности, без разлика кои се носители, голема улога имаат токму националните парламенти, односно Парламентарната димензија во рамките на ЦЕИ. Како парламенти и како пратеници, покрај законодавната функција, имаме и надзорна функција врз извршната власт. Затоа, верувам дека колегите пратеници членови на националните делегации во своите национални парламенти активно ќе го следат остварувањето на договорените активности и цели.

Верувам дека само така, уште еднаш, како и досега, ќе се потврди дека ЦЕИ, како најстара регионална организација, не го изгубила својот дух, својата перманентна заложба за мир, стабилност и благосостојба, не само за граѓаните во регионот, туку во Европа и пошироко. Со оваа мисла дозволете ми на крајот да ви посакам успешна работа, на нашите гости пријатен престој и до следно видување кога ќе се одржи Парламетарното собрание. 

Ви благодарам за вниманието.

Click