Активности

Сабота, 2 август 2014 година, Крушево

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод 2 Август - Илинден

Почитувани граѓани,
Драги пријатели,
Браќа и сестри,

Голема благодарност и неизмерна почит до сите вас кои денес сте тука на ова историско место заедно да го обележиме денот на сите денови, празникот на сите државни празници – вечниот Илинден.
Одбележуваме 111 години борба.
111 години саможртва.
111 години верба!
Илинден е другото име за Македонија!
Македонија не е целосна без Илинден!
Оној првиот од 1903-та!
Вториот Илинден од 1944-та, но, секако и третиот Илинден од 8 септември 1991-та кога ја основавме денешна демократска, суверена и самостојна Република Македонија!
Сите залагања на овој народ ја добиваат својата вредност токму заради Илинден!
Сите жртви на македонските херои низ вековите до денес, ја добиваат својата смисла единствено и само заради Илинден!
Нашето постоење, работа и творење денес се обезбедени токму заради овој голем ден!

Дами и господа,
Илинден не е само денот кога македонскиот народ одлучи да се крене против злото!
Илинден не е само денот кога македонските синови и ќерки одлучија да ја зграпчат силно слободата!
Илинден е македонскиот историски меѓник!
Овој ден е гранитен камен, кој е тука за да ги надмине сите векови!
Илинден е денот кој им дава смисла на сите наши денови!
Илинден е симболот на демократијата која денес ја живееме!
Илинден е соживотот и разбирањето помеѓу граѓаните на нашата Татковина!
Илинден се и сите наши стремежи и напори за развој на Македонија!
Конечно, Илинден бил, е и ќе биде основата која ќе ја крепи Македонија во вековите што доаѓаат!

Драги пријатели,

111 години Илинден значат токму толку години од поставувањето на напредните идеи кои и денес звучат исто толку свежо и современо.
Крушевскиот манифест е еден од најдемократските документи создаден во тие историски траорни времиња кој сосема јасно говори за потребата од градење на соживот и разбирање помеѓу различните етникуми и вероисповести.
Овој историски акт на македонскиот народ денес е тука за да нè потсети дека во битот на Македонецот е демократската идеја и напредните визии.
Кон овој благороден факт кој говори многу за нас самите, се надоврзува и асномската декларација за правата на човекот и на граѓанинот донесена 40-тина години подоцна како резултат на вториот македонски Илинден.
Овој документ, исто така ја вивнува Македонија во демократските височини затоа што уште тогаш политичките претставници на македонскиот народ говорат за сите денес  познати и прифатени индивидуални права и слободи.
Оттаму, слободно можеме со голема гордост да заклучиме дека Крушевскиот манифест е основата на која почиваат денешните напредни идеи за меѓуетнички и меѓуверски соживот и толеранција, додека асномската декларација е темелот на демократскиот амбиент во кој живеат граѓаните како личности во оваа наша македонска држава.
Затоа, без никаква лажна скромност, треба да бидеме горди на своето историско дело.
Бидејќи тоа не говори ниту за омраза, ниту за конфликт.

Драги пријатели,

Македонскиот народ, како и сите народи на овој свет сака да живее и да се развива во слобода.
Желбата да се создава и да се твори во своја држава ги обедини македонските синови и ќерки под бајракот на слободата.
Тиранијата мораше да падне!
Слободата мораше да се роди!
Цената мораше да се плати!
Друг избор не постоеше.
Друга алтернатива немаше.
Или ќе нé биде или нема да не биде!
Историската одговорност во создавањето на македонската држава мораше да се понесе!
И таа со најголемо достоинство беше понесена од луѓето на Македонија!
Затоа, од ова место, да кажеме „слава им" на сите познати и непознати борци кои го дадоа својот живот за нашата слобода во сите буни, востанија и војни во Македонија низ историјата!

Крушево е епицентарот на таквиот национален набој кој се разлеа со огромна брзина низ цела Македонија за време на првиот Илинден.
Од исток и од запад; од север и од југ татнеа чекорите на македонските комити!
Четите, организирани и водени од ВМРО смело тргнаа да ја освојат слободата.
Уште едно ново поглавје од македонската историја започна да се пишува.
Овој пат беше напишано славно и херојско поглавје кое беше инспирација за другите национални успеси што следеа.
За битките низ македонските гори и денес со гордост си спомнуваме!
Саможртвата на војводите и на комитите и денес ја спомнуваме!
Нивните успеси и денес ги прославуваме!
Со право сме горди!
Горди сме затоа што ни беше даден примерот и ни беше покажан патот кон слободата.
Безброј настани остануваат длабоко врежани во нашата колективна свест!
Безброј битки и безброј херои ја испишуваат историјата на Македонија!
Да продолжиме да ги спомнуваме!
Да не престанеме да им ги пренесуваме овие славни настани од нашата историја на нашите синови и ќерки!
Мора точно да знаеме заради што и заради кого сме се издигнале од пепелта и сме се вивнале во врвовите!
Научените лекции од македонската борба за слобода на најдобар начин покажуваат дека Македонија е нашата најголема вредност!
Македонија е почетокот и крајот на сé што сме правеле и ќе правиме во иднина!
Нема ништо поскапоцено и повредно од неа – од нашата татковина Македонија!
Историските битки нè потсетуваат дека единството и заедништвото не смеат да се нарушат.
Соработката и разбирањето се основата на сите наши успеси во минатото.
Единството и тогаш, но и сега значи победа!
Неединството – и тогаш, но и сега значи пораз!

Браќа и сестри,

Исто како што Илинден е симболот на сите жртви на ВМРО и на Комитите, така овој ден е најсветлата точка и за македонското партизанско движење.
Доколку за време на првиот Илинден му покажавме на светот дека постојат Македонци кои сакаат да живеат во своја македонска држава како и сите други народи, за време на вториот Илинден таквата цел во еден значаен дел ја остваривме.
Македонскиот народ започна да ја освојува својата слобода!
Вековите поминати во ропство, терор и неправди под разни јареми конечно завршија!
Крвта на партизаните не беше залудно пролеана!
Непријателот беше поразен, а слободата беше освоена!
Македонија застана на вистинската страна во светската историја!
Македонија застана на страната на демократијата и на слободата, а против тоталитарните идеологии на нацизмот и на фашизмот!
Заслугата за овој национален успех подеднакво им припаѓаше и на македонската левица и на македонската десница.
Подеднаква е жртвата и заслугата на сите борци за македонија!
Само така пристапувајќи ѝ на историјата, треба да ја градиме иднината!

Дами и господа,

Идеите на Крушевскиот манифест, на партизанското движење и на АСНОМ и денес се еднакво силни како и тогаш кога биле обнародени.
Нашите политички разлики не смеат да ја загрозуваат Македонија.
Не смееме да говориме за „наши" и за „ваши" кога станува збор за Македонија!
Македонија е нашата единствена партија и единствена програмска платформа!
Да застанеме сите под знамето на слободата!
Да си подадеме рака и да си простиме за сé затоа што сите ние сме Македонија!
Да застанеме сите зад иднината на Македонија и да работиме сложно како што се бореа и комитите и партизаните!
Како што се бореа и припадниците на македонската левица и припадниците на македонската десница.
Да не дозволиме нашите различни интереси да ги загрозат интересите на Македонија.
Мораме да бидеме уште посплотени!
Мораме да бидеме уште поодговорни кога станува збор за интересите на државата.
Да си ја чуваме Македонија.
Да си ја градиме и да ја сакаме Македонија!
Доколку искрено и со отворено срце вака правиме, тогаш сме на чекор до толку потребното државно единство!
Знам дека имаме сила, така да постапуваме!
Македонските политичари, партии и општество покажале дека знаат да си подадат рака, тогаш кога е најпотребно!
Денес е тоа време!
Денес е тој миг!
Денес да почнеме да ги зацврстуваме темелите на овој концепт за кој говорам и во кој искрено верувам.

Браќа и сестри,

Симболиката на овогодинешната прослава на Илинден е посебна и заради нешто друго...
...Овој голем ден го обележуваме во период кога нашите сограѓани муслимани го прославија својот верски празник.
Оваа симболика, треба да нé потсети дека сите успеси низ историјата македонскиот народ ги остварил благодарение на соработката со Албанците, со Турците, со Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и со сите други.
Најголемите врвови на македонската слобода биле освојувани тогаш, кога заедно еден до друг, рамо до рамо стоеле и христијаните и муслиманите и евреите.
Така било.
Така треба и да остане.
Затоа, и во оваа прилика, повикувам уште повеќе да работиме на унапредување на меѓуетничкиот и на меѓуверскиот соживот.
Мораме да ги развиваме стандардите на овој план!
Мораме да ја унапредуваме културата на дијалогот!
Македонија сме сите заедно и само така, заедно ја определуваме вистинската вредност на нашата татковина во која заедно растеме, твориме и се развиваме!

Драги пријатели,

Илинден е симбол и на желбата на македонскиот народ за натамошен развој на односите со соседните народи и држави.
Вековниот идеал да се биде свој на своето, во ниту еден момент не значел загрозување на слободата на другиот.
Напротив!
Тој бил ист со нив и црпел сила од нив!
Ваквата константа продолжува да биде нашата главна одлика и денес.
Македонија останува посветена на развивањето на односите со сите соседни држави.
Мораме и треба да соработуваме!
Можеме и ќе соработуваме уште повеќе и уште подобро!
Мораме и треба да градиме нови мостови на пријателство кои уште повеќе ќе нé зближуваат!
Мораме и треба да ги истакнуваме позитивните примери од минатото кои ќе придонесат за уште поголемо зближување во иднината!
А, таа, иднината – е крајно извесна, јасна и позната.
Нашата заедничка иднина е обединета Европа во која вредностите на демократијата ќе бидат подеднакво прифатени од сите нас кои со векови сме тука на Балканот.
Силно верувам дека најдобрата иднината за Балканот е обединета Европа!
Балканот, кој од секогаш ѝ припаѓал на Европа, мора и ќе стане во потполност дел од Европската унија!
Членството во Европската унија ќе биде и најголема потврда дека проектите на политичките водства на балканските држави биле во основа исправни.
Членството во Европската унија ќе биде и најголемиот доказ дека конечно сме ги уништиле идеите од минатото кои постоењето на еден народ го проектираа за сметка и на штета на другиот народ.
Имајќи го во предвид споменатото, сакам јасно да истакнам дека интеграцијата на Македонија во Европската унија е нашиот врвен стратешки приоритет.
Таа е приоритет над сите приоритети!
Таа е задача над сите задачи!
Интеграцијата во Европската унија е цел над сите цели!
Обврска поголема од секоја друга обврска!
Проект кој е основата на сите други државни проекти!
На овој голем ден за нашата држава, чувствувам силна потреба  уште еднаш да ја истакнам нашата максимална посветеност во насока на реализација на оваа цивилизациска цел.
Македонија нема друг избор освен Европската унија!
Интеграцијата во европското семејство на народите е најдобриот рецепт за натамошна модернизација на македонската држава.
Зад реализацијата на оваа благородна цел со своите залагања и знаење подеднакво се вложуваат сите политички партии во државата.
Оттаму, овој проект е можеби најдобриот пример како, кога сакаме, можеме да бидеме единствени и сложни.

Браќа и сестри,

Залагањето за членство на Република Македонија во НАТО продолжува да биде наш врвен стратешки приоритет.
Македонската армија рамо до рамо со армиите на демократските држави дава свој влог во осигурувањето на мирот и на безбедноста во светот.
Македонските војници денес гордо ја бранат честа на илинденците и на партизаните!
Како дел од НАТО трупите, продолжуваме да го даваме својот влог кој ќе биде потполен и оправдан единствено тогаш кога македонското знаме ќе се развие пред седиштето на нато заедно со знамињата на останатите членки на Алијансата.
Меѓутоа, за жал, тоа сè уште не е така!
Македонија иако исполни сè што беше побарано, не е дел од НАТО.
Парадоксално, но вистинито, се покажа дека нашето вековно име е нашиот најголем проблем.
Некој и денес, сака да не се викаме така како што со векови сме се викале и да не бидеме она што од секогаш сме биле!
Затоа од ова место, тука, од Мечкин камен, гласно порачувам дека Македонија била, е и ќе биде Македонија!
Македонскиот народ бил, е и ќе биде македонски народ!
Остануваме цврсти во нашите намери да ја афирмираме вистината за Македонија!
Меѓутоа, со истата силина сакам јасно и гласно да порачам дека остануваме подготвени за натамошен развој на дијалогот со нашиот јужен сосед!
Продолжуваме да разговараме затоа што не престануваме да веруваме дека можеби ќе се смени мислењето кај грчките политичари дека ние сме некаква закана за нивната држава.
Македонија не е, ниту некогаш ќе биде закана за Република Грција!
Македонскиот народ не е, ниту некогаш ќе биде закана за грчкиот народ!
Изразуваме јасна подготвеност за натамошен развој на добрососедските односи и вкупната споработка на економски и на секаков друг план.
Мораме да соработуваме!
Мораме да гледаме повеќе на нештата што нé спојуваат отколку на нештата што нé разделуваат.
И верувам дека ќе соработуваме!
Меѓутоа, тоа мора да биде на рамноправни основи.
Во духот на христијанската љубов, македонскиот и грчкиот народ, мора да си подадат рака и да се завртат кон иднината!
Во духот на христијанската љубов, Република Македонија и Република Грција, мора да работат на воскреснување на соработката, почитта и пријателството!
Во духот на христијанската љубов, во период кога светот се соочува со нови геополитички предизвици, Република Македонија и Грција, мора да завртат нова страна од историјата во која верата, надежта и љубовта ќе бидат точките кои ќе ги обединат двата народа најпрво помеѓу себе, а потоа и со истиот Бог на кој му припаѓаме и на кој му се молиме!

Драги пријатели,

Саможртвата на Илинденците е нашата водилка и при соочувањето со предизвиците на денешнината.
Цената која беше платена да се извојува слободата е преголема.
Извојуваната државност мораме да ја сочуваме!
Вкупните прилики во Македонија мораме уште повеќе да ги унапредуваме.
Меѓутоа, како што споменав, сè е потешко доколку отсуствува единството!
Секоја цел е подалечна доколку не сме обединети!
Ниту еден врв не е достижен доколку сме раскарани и поделени.
Затоа, како претседател на македонскиот законодавен дом, уште еднаш сосема искрено сакам да повикам на унапредување на единството помеѓу партиите.
Мораме да ги надминуваме нашите разлики.
Не смееме да дозволиме во жарот на политичката битка, повредена да излезе Македонија!
Да си подадеме рака на овој голем ден!
Да почнеме уште повеќе и уште поотворено да соработуваме за прашањата што се од наш заеднички интерес.
Да ѝ погледнеме во очи на реалноста и да го осигураме уште повеќе развојот и демократската иднина на Македонија.
За иднината на Македонија одговорност носат сите!
и власта, но и опозицијата!

Драги пријатели,

Претпоставка за секој развој е слободата.
Доколку големата цел на Илинденците беше независна Македонија, денес големата цел на оваа генерација политичари е економски развиена Македонија.
Вкупниот државен развој продолжува да биде нашиот најголем предизвик.
Унапредувањето на економијата и на животниот стандард мора во целост да се обезбеди.
Досегашните успеси во осовременувањето на животот на македонскиот граѓанин, треба да бидат само дополнителен поттик за нови дела.
Мораме да градиме уште повеќе нови училишта.
Мораме да инвестираме уште повеќе во здравството.
Мораме да продолжиме да го поддржуваме македонскиот земјоделец.
Мора да продолжиме да се грижиме за македонските пензионери.
Мораме тоа да го направиме како политичари, бидејќи тоа се најголемите очекувања од граѓаните.
Десегашните успеси се најголемата потврда дека дури и најголемите препреки можат да се премостат.

Почитувани пријатели,
Драги браќа и сестри,

Македонија е онолку силна колку што се силни нашите вредности!
Македонија е онолку силна колку што е исправна нашата колективна морална вертикала!
Мораме да продолжиме да ги поддржуваме македонските семејства.
Тие се основата на државата.
Залудна е секоја жртва за слободата на Македонија доколку морално пропаѓаме!
Семејството, како заедница на еден маж и на една жена, во кое децата слободно се развиваат не смееме да дозволиме да биде релативизирано.
Мораме да инвестираме и во развојот на нашите деца преку образованието низ кое тие треба да израснат во морални личности кои ќе продолжат после нас да ја градат и да ја развиваат Македонија.
Да продолжиме да промовираме проекти кои ќе придонесат повторно детскиот џагор да се слуша низ македонските села и градови.

Да продолжиме со промовирање на политики кои ќе го зголемат наталитетот во државата затоа што Македонија ја прават луѓето кои живеат и творат во неа.
Ние сме Македонија!

Да застанеме еден до друг.
Да си спомнуваме на жртвата на илинденците, на партизаните и на сите знајни и незнајни јунаци.
Да се сеќаваме  на минатото за да бидеме уште поуспешни градејќи ја иднината.
Денес ја градиме Македонија.
Утре ќе ја градат нашите деца.
Да им оставиме добри дела на генерациите што ќе дојдат после нас.
Да бидеме спомнувани по добро.
Да ги оствариме сите македонски приоритети.
Да решиме што повеќе проблеми.
Да надминеме колку е можно повеќе препреки.
Македонија да биде уште постабилна,
Македонија да биде уште поразвиена.
Македонија да биде уште поединствена.

Тоа е заветот на илинденците.
Тоа е заветот на партизаните!
Тоа е заветот на македонските херои.

Нека е вечен споменот за Илинден.

Нека е вечна и вековита Македонија.

Сите нека нè благослови Господ и нека ја благослови нашата татковина.

Да живее Република Македонија!

Благодарам.

 

» Видео запис од обраќањето  «

Click