Активности

Понеделник, 8 мај 2017 година

Одделни средби на претседателот Џафери со американскиот и францускиот амбасадор 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари официјална средба со амбасадорот на САД во Република Македонија, г. Џес Бејли, кој му упати срдечни честитки за изборот на функцијата претседател на Собранието, како прв и мошне важен чекор во консолидација и стабилизација на политичката ситуација во Република Македонија. Притоа истакна дека за остварување на таа цел Амбасадата на САД координирано работи заедно со Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, бидејќи од непроценливо значење, за иднината на државата, се активностите што ќе следат. 

Како следен од низата многу важни чекори за иднината на Република Македонија, амбасадорот Бејли го истакна формирањето на новата Влада, при што претседателот на Собранието, г. Џафери го информираше за преземените чекори во таа насока, за процедурата пропишана со Уставот, Законот за Собрание и Деловникот, подвлекувајќи дека тој е должен да ги спроведе и одговара за сите негови ингеренции откако ќе му биде доставен Предлог за состав на Влада и Програма за работа на истата. 

Двајцата соговорници разменија конструктивни мислења и по други актуелни и сензитивни прашања сврзани со немилите настани од 27 април, за новонастанатите околности и одредени перцепции по преземањето на функцијата претседател на Собранието, за модалитетите на нивното решавање и надминување, како и за местото, улогата и дејствувањето на сите државни институции, особено трите највисоки, во наредниот период. 

Притоа беше изразено очекување дека и кај двете страни ќе преовлада чувството на висока политички свест и одговорност над одредени наметнати или испровоцирани состојби, како би се смириле тензиите и мирно би се трасирал патот за воспоставување на демократските процеси во државата.

Во текот на разговорот, особен акцент беше ставен на очекувањата и на сите граѓани на Република Македонија, како и на меѓународната заедница, Република Македонија, што побрзо и што поквалитетно да продолжи на патот кон Европската унија и НАТО, при што беше истакната безрезервната поддршка на САД на овој план.

Исто така, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари официјална средба со амбасадорот на Француската Република во Република Македонија, г. Кристиан Тимоние, кој од името на претседателот на Француското Национално собрание и од името на претседателот и членовите на Пратеничката група за пријателство со Собранието на Република Македонија,  му упати срдечни честитки за изборот на функцијата претседател на Собранието.  Притоа го реафирмираше ставот дека со овој чекор ќе започне низата од следни чекори кон конечно формирање на новата Влада, како врвен демократски израз на мнозинството од граѓаните на Република Македонија.  

Соговорниците споделија свои видувања и за евентуалните непосакувани чекори во оваа смисла, при што господинот Џафери го реафирмираше својот став дека местото за дебата и за соочување на политичките ставови и мислења е Собранието на Република Македонија, бидејќи тоa е легитимен орган на граѓаните на Република Македонија, а сите останати ставови искажани од претставници на високи државни институции не смеат да бидат пречка за конечно заокружување на веќе започнатите демократски процеси, кои се без алтернатива. Во таа насока, процедурата за избор на нова Влада ќе претставува почеток на реализација на ингеренциите на новиот претседател на Собранието, врз основа на Уставот, законите и Деловникот на Собранието. 

Соговорниците разменија мислења и по актуелната позиција на Република Македонија на регионален и на меѓународен план, при што беше искажана силната поддршка што Француската Република и понатаму ќе ја дава на Република Македонија на планот на нејзините европски и евроаталантски интеграции.