Активности

Петок, 7 октомври 2016 година

Педесет и деветта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 59. седница, како матично работно тело, по скратена постапка, ги разгледа:

  • Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика;
  • Предлогот на закон за изменување на Законот за минерални суровини, поднесен од пратениците Владанка Авировиќ, Љупчо Димовски и Стојан Миланов.

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика, даде заменикот на министерот за економија, г. Христијан Делев.

Тој истакна дека со предложените измени и дополнувања на Законот за енергетика се врши допрецизирање на постојните законски одредби кои се однесуваат и се за целите на овозможување на раздвојувањето на операторот на дистрибутивниот систем од вертикално интегрираното претпријатие (ЕВН Македонија) согласно постојниот Закон за енергетика и преземените обврски од меѓународните договори и иницијативи.

Имено, согласно Договорот за основање на Енергетската заедница и меките мерки во делот на електричната енергија од иницијативата за поврзување на шесте земји од Западен Балкан, потребно е што побрзо да се формира и да функционира посебно правно лице кое ќе биде оператор на дистрибутивниот систем.

Предложените измени имаат за цел да се допрецизираат одредбите од законот со цел да се овозможи правното раздвојување на операторот на дистрибутивниот систем, кој ќе биде посебно правно лице и ќе биде целосно функционален, почнувајќи од 2017 година.

Врз основа на претходното е подготвен Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика, со цел да може практично да се спроведе раздвојувањето на операторот на дистрибутивниот систем за електрична енергија преку формирање на ново правно лице и негова целосна функционалност.

Во претресот учествуваа пратениците Марјанчо Николов и Драган Цуклев.

Во однос на Предлогот на законот за изменување на Законот за минерални суровини, воведно образложение даде претставникот на предлагачите, г-ѓа Владанка Авировиќ.

Таа истакна дека со Законот за минерални суровини, во Република Македонија уредени се условите и начинот на вршење на деталните геолошки истражувања и експлоатацијата на минерални суровини, наплатата на концесиските надоместоци, надзорот и казнените одредби.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини од 29 јуни 2016 година, биле извршени измени во членот 17-а, каде што меѓу другите измени беше додаден ставот (12).  Со примената на законот во пракса се увиде потребата од редефинирање на ставот (12), каде се утврдува обврската за плаќање годишен надоместок согласно член 75 од истиот закон, кој ја регулира обврската за плаќање на годишен надоместок за концесија за експолоатација на минерални суровини, а не на обврската за плаќање годишен надоместок за доделување на концесија  за вршење на детални геолошки истражувања, која беше цел на Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини.

  • Во рокот утврден со Деловникот на Собранието, на двата Предлог-закона не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи. На крајот од расправата, Комисијата за економски прашања ги проследи истите на натамошна постапка во Собранието.
Click