Активности

Понеделник, 4 април 2016 година

Педесет и петта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на денешната Педесет и петта седница, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување на Законот за угостителска дејност, поднесен од пратениците: Сашо Василевски, Александар Николоски, Љупчо Димовски, Драган Цуклев и Лилјана Затуроска (по скратена постапка).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде претставник на предлагачите, пратеникот Сашо Василевски. 

Тој истакна дека со Законот за угостителската дејност се уредуваат условите и начинот на вршењето на угостителската дејност, односно давањето на угостителски услуги за сместување и угостителски услуги за исхрана. 

Исто така, во членот 46 на овој Закон уредено е и давање други угостителски услуги и услуги од физички лица, како што се давање на угостителски услуги во куќи, апартмани и соби за одмор. 

Во 2008 година направена е измена во која се предвидува дека на физичките лица во еден објект што се под заеднички покрив, може да се издаде само едно одобрение за вршење на оваа дејност. Со примената на оваа одредба се наиде на реален проблем кај голем дел од граѓаните, односно по принципот прв дојден, прв услужен, издадено е одобрение на лицето кое прво поднело барање за одреден објект. Но, во сопственичката структура на голем дел од објектите, се појавуваат различни лица како сопственици, и во ваква ситуација следниот поднесител на барање под заеднички покрив, да биде одбиен од Комисијата за категоризација, со образложение дека веке е издадено едно одобрение за тој објект. 

Основна цел на овој Предлог закон е да се овозможи под условите утврдени со овој закон и други прописи, во објекти под заеднички кров да можат да се издадени одобренија за вршење на угостителска дејност на повеќе физички лица.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието, на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Комисијата за економски прашања го проследи Предлогот на закон за изменување  на Законот за угостителска дејност на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија. 

Click