Активности

Понеделник, 15 декември 2014 година

Потпишан Амандман на Меморандумот за разбирање помеѓу Собранието на Република Македонија и Швајцарскиот федерален совет

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска, заедно со амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во Република Македонија, г. Стефано Лазарото, потпишаа Амандман на Меморандумот за разбирање помеѓу Собранието на Република Македонија и Швајцарскиот федерален совет, во врска со соработката на проектот „Поддршка за основање и развој на Парламентарниот институт“ и со тоа ја продолжија соработката на овој заеднички проект.

Парламентарниот институт е посебна организациона единица во рамките на Собранието на Република Македонија со мисија за зајакнување на законодавната и надзорната улога на Собранието. Неговата цел е утврдена со членот 42 од „Законот за Собранието на Република Македонија“. Парламентарниот институт претставува истражувачки центар кој на пратениците им обезбедува стручни истражувања и анализи за извршување на пратеничката функција.

По потпишувањето на Меморандумот, претседателот Вељаноски и амбасадорот Лазарото дадоа изјави за медиумите.

Во продолжение ви ја пренесуваме изјавата на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски:

Почитуван амбасадор Лазарото,
Почитувани членови на Управувачкиот совет,
Почитувани претставници на средствата за јавно информирање,
Дами и господа,

Денеска со големо задоволство пристапуваме кон продолжување на досегашната успешна соработка со нашиот партнер, Амбасадата на Швајцарија во Република Македонија, за понатамошен развој на капацитетите на Парламентарниот институт на Собранието на Република Македонија.

Имено, со потпишувањето на овој Амандман на Меморандумот за разбирање меѓу Собранието на Република Македонија и Швајцарскиот федерален совет, во врска со соработката на проектот „Поддршка за основање и развој на Парламентарниот институт“, ќе ја продолжиме соработката во наредните три години со што ќе продолжиме да работиме на понатамошно развивање на нашиот парламентарен капацитет.

За таа цел, наредните три години фокусот на овој проект ќе се насочи кон усовршување на услугите за истражување, библиотека и архива а особено ќе се посвети внимание на институционалното зајакнување на Парламентарниот институт. 

Задоволство е да продолжиме со заедничка работа на овој проект, дотолку повеќе што од самиот почетокот на своето работење, Парламентарниот институт на Собранието на Република Македонија покажа одлични резултати. Во овие неколку месеци успешно обезбедува објективни општи и компаративни анализи, како и пристап до соодветно систематизирана истражувачка библиотека за потребите на пратениците, пратеничките групи, работните тела на Собранието и неговите вработени. Државните службеници вработени во Парламентарниот институт постојано следат обуки за надоградување на своите знаења и вештини, со што се подготвени навремено да одговорат на барањата и потребите за изработка на анализи и истражувања.

Нашиот заеднички труд и посветеност изминативе четири години вродија со плод, се креира еден функционален систем на кој вреди да продолжиме да вложуваме напори за негово надоградување и усовршување.

Сакам да ја изразам и својата лична убеденост дека Парламентарниот институт во годините што следат во целост ќе одговори на својата задача и цел на постоење.

На крај би сакал да изразам благодарност до Амбасадата на Швајцарија во Република Македонија и сите учесници во процесот кои придонесоа за успешното отпочнување и функционирање на овој проект. 

Ви благодарам.

Click