Активности

Петок, 14 февруари 2014 година

Претседателот Вељаноски го прими амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, г. Ернесто Масимино Белели

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на средбата истакна дека Република Македонија и Република Италија имаат одлична билатерална соработка. Сепак, двајцата соговорници се согласија дека е потребна поголема парламентарна соработка, не само на ниво на претседатели на Парламенти, туку и на ниво на пратенички групи за соработка, како и соработка на ниво на парламентарни комисии.

Амбасадорот на Република Италија ја искористи можноста на средбата да ја достави поканата од претседателот на Италијанскиот парламент, г-ѓа Лаура Болдрини, до претседателот Вељаноски за учество на меѓународна конференција која ќе се одржи во Рим во Домот на пратеници на 13 и 14 март 2014 година.

Амбасадорот Белели истакна дека оваа меѓународна конференција е во заедничка организација на претседателите на Грчкиот и Италијанскиот парламент, односно актуелниот и идниот претседавач со Европската унија во 2014 година.

На средбата стана збор за повеќе прашања, меѓу кои и актуелни прашања во Интерпарламентарната унија. Исто така, се разговараше и за претстојните претседателски избори во Република Македонија и политичката состојба во Италија.

На крајот, претседателот Вељаноски упати покана за официјална посета на претседателот на Италијанскиот парламент на Република Македонија и ја потенцираше отвореноста на Собранието за соработка и континуирана комуникација со Амбасадата на Република Италија во Република Македонија.

Click