Активности

Петок, 12 мај 2017 година

Работна средба на претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, со амбасадорите на земјите членки на ЕУ 

На почетокот на средбата претседателот Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, изрази благодарност за поддршката што институциите на ЕУ и државите  членки поединечно ја дадоа на неговиот избор за претседател на Собранието на Република Македонија. Подвлече дека останува на својата лична определба да биде претседател на сите граѓани и на сите пратеници, почитувајќи го Уставот и Деловникот на Собранието.

Амбасадорот на ЕУ, г. Самоил Жбогар, поздравувајќи ја посетата на г. Џафери на Брисел и средбите со високите претставници на ЕУ, истакна дека ЕУ очекува брзо да дојде до формирање на новата влада, а потоа, заедно со Собранието и другите државни институции, Република Македонија да се врати на евроатлантските процеси кои подразбираат продолжување на реформите.

Повеќе амбасадори поставија конкретни прашања во врска со приоритетите во работењето на Собранието, односот позиција-опозиција, отвореноста на Собранието кон граѓаните и јавноста и подготвеноста за продлабочување на соработката со организациие на граѓанското општество.

Претседателот Џафери, истакна дека приоритет е секако изборот на новата Влада, при што очекува претседателот на Република Македонија, г. Ѓорге Иванов, да го почитува Уставот, бидејќи станува збор за институционални обврски, а не е прашање на лична волја. 

Следните чекори во работата на Собранието ќе бидат во контекст на формирањето на собраниските комисии, бидејќи тоа е предуслов за да се распишат локалните избори. 

За итноста и сериозноста на ова прашање се известени лидерите на парламентарните партии, и штом ќе биде постигнат договор, веднаш ќе биде свикана седница на Собранието.

Осврнувајќи се на очекувањата на домашната и меѓународната јавност за потребата на враќање на кредибилитетот на Собранието, претседателот Џафери истакна дека тој лично ќе се заложи таа перцепција да се промени. 

Секако, тоа не може да се случи преку ноќ и, покрај личната заложба, потребен е активен ангажман на сите 120 пратеници. Инаку јас лично, и во оваа пригода, сакам да го повторам мојот став и уверување дека Собранието мора да биде максимално отворено и кооперативно со граѓаните, со невладиниот сектор и со медиумите.