Активности

Петок, 13 март 2015 година

Собраниска делегација на дводневна Конференција на Комисиите за европски прашања во Белград

Делегација  на Комисијата за  европски прашања на Собранието на Република Македонија предводена од заменик претседателот на Комисијата за европски прашања, г-ѓа Нора Алити, а во чиј состав беа и членовите на Комисијата г-ѓа Солза Грчева и г. Трајчо Димков, учествуваше на дводневната Конференција на комисиите за европски интеграции/прашања на земјите учеснички во процесот за стабилизација и асоцијација на земјите од Југоисточна Европа- КОСАП, што  се одржа на 10 и 11 март 2015 година во Белград, Република Србија.

Во рамките на  Конференцијата, нашата собраниска  делегација учествуваше со свои излагања во сите панели, посветени на: „Стратегијата за проширување на ЕУ и предизвиците 2014-2015, „Економските реформи   и социјалните предизвици во процесот на асоцијација во ЕУ„, „Регионалната соработка во областа на ИПА фондовите„, како и на „Енергетската политика во регионот„. 

Во рамките на првиот панел посветен на „Стратегијата за проширување на ЕУ и предизвиците 2014-2015„, говореше шефот на Делегацијата, г-ѓата Нора Алити, која осврнувајќи се на актуелните случувања во Македонија, истакна дека и покрај тоа што земјата  веќе шест години добива препорака за почеток на преговорите, Европскиот совет на  ЕУ на ја потврдува оваа препорака.

Овој  застој во евроинтегративниот процес на земјата, ја оспорува динамиката на европските реформи, и влијае демотивирачки. Во состојба на сериозна политичка криза и недостаток на политички дијалог единствен обединувачки фактор во земјата е приклучувањето кон ЕУ и НАТО. Поради тоа, потребни се итни внатрешни и надворешни мерки, кои ќе и помогнат на земјата. Единствениот начин, со кој ќе бидеме сигурни дека земјата нема да се дестабилизира е директното вклучување на ЕУ во решавањето на политичката криза, и започнувањето на преговорите за ЕУ членство со Македонија, без понатамошно одлагање.

Пратеничката Солза Грчева, говорејќи за регионалната соработка во областа на ИПА фондовите, информира за македонските искуства на ова поле, во однос на нивната искористеност, од аспект на нашите   евроинтегративни процеси, бидејќи неискористувањето на овие европски пари, дава негативен сигнал дека земјата не е способна да ги искористи средствата.

Во пресрет на новата транша на ИПА 2 за 2014-2020 година, истакна, дека значителни се предизвиците на земјите од регионот за нивна поголема искористеност, како и во однос на парламeнтарниот надзор врз користењето на средствата од ИПА, особено ако се има во предвид соодветното проектирање за наредниот седумгодишен период. Грчева  ја истакна потребата за развивање на регионалната соработка при користењето на ИПА средствата, но и во рамките на енергетското поврзување на  регионот.

Во расправата на тема „Економските реформи и социјалните предизвици во процесот на асоцијација во ЕУ„ говореше пратеникот Трајчо  Димков, кој осврнувајќи се на економските случувања во Република Македонија,  истакна дека и покрај економската криза, која владее во ЕУ и пошироко во светот, Република Македонија успеа да ја намали стапката на невработеност во земјата, што се должи на континуираното подобрувања на економските движења и добрата бизнис клима за компаниите, кои сакаат да инвестираат во земјата.

На крајот на Конференцијата беше усвоена завршна изјава, во која влезе и предлогот на нашата парламентарна делегацијата, со кој се повикува Европскиот Совет да го земе во предвид постигнатиот прогрес на земјите кандидати, но и на потенцијалните земји кадидати за ЕУ членство, во однос на нивната имплементација на реформите, како и да обезбеди поддршка во понатамошниот процес на пристапување. Во спротивно, секое одлагање на отворањето на процесот на преговори ќе предизвика зголемени и непредвидливи ризици по регионалната стабилност, но и поткопување на кредибилитетот и ефикасноста на процесот на проширувањето на ЕУ.

Click