Активности

Вторник, 24 февруари 2015 година

Собраниска делегација на Конференција во Тирана

Делегација на Собранието на Република Македонија, на 21 и 22 февруари 2015 година, учествуваше на Конференција на Мрежата на Парламентарните комисии за финансирање и буџет, економски прашања и европски прашања на земјите од Западен Балкан, на тема „Улогата на Парламентите во буџетскиот и финансискиот надзор’’, која се одржа во Тирана, Република Албанија, во организација на Вестминстер фондацијата за демократија. 

Делегацијата беше во состав: г-ѓа Владанка Авировиќ, заменик на претседателот на Комисијата за економски прашања и г-ѓа Нора Алити, заменик на претседателот на Комисијата за европски прашања, членови на Бордот на Мрежата и пратениците г. Ѓорѓи Коџабашиев, член на Комисијата за финансирање и буџет; г-ца Каљтрина Азизи, член на Комисијата за финансирање и буџет и  г. Драган Цуклев, член на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија.

Во текот на Конференцијата, се водеше панел дискусија за буџетските процеси во земјите од Западен Балкан, улогата на Парламентите во планирањето и усвојувањето на буџетот и следење на неговото извршување. 

Се истакна дека Парламентите имаат клучна улога во финансискиот и буџетскиот надзор, поради што е потребно да се зајакнат административните и финансиските капацитети, со цел ефикасно извршување на овие надлежности. 

Особено внимание во текот на дискусијата се обрна на зајакнување на улогата на Комисиите за надзор на трошењето на јавните средства. Парламентите треба да ја зајакнат соработката со Државните ревизорски институции во насока на разгледување на ревизорските извештаи и следење на препораките од извештаите на ревизорските институции, како клучни алатки за надзор на законодавната над извршната власт. 

Беше ставен акцент и на фискалната транспарентност во земјите од Западен Балкан. Според Меѓународниот монетарен фонд, фискалната транспарентност е клучниот елемент за добро владеење, кој понатаму води кон макроекономска и фискална стабилност, но претставува и клучен фактор за повисока стапка на економски раст. Фискалната транспарентност може да послужи за рано идентификување на потенцијалните ризици во фискалните резултати, што ќе овозможи соодветна навремена фискална реакција на променетите фискални претпоставки. Фискалната транспарентност овозможува отчетност пред граѓаните-даночни обврзници, како и поголема кредитоспособност на меѓународниот пазар на капитал. 

Беше заклучено дека буџетскиот процес во земјите од Западен Балкан е соодветно утврден, но сепак има можности за подобрување на фискалната транспарентност и воведување на најдобри практики во согласност со прифатените и признати меѓународни стандарди.

Click