Активности

Среда, 10 мај 2017 година

Средба на претседателот Џафери со швајцарската aмбасадорка, г-ѓа Сибил Сутер Тејада

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари официјална средба со амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Република Македонија, г-ѓа Сибил Сутер Тејада, која честитајќи му го изборот на функцијата претседател на Собранието, му посака успешен мандат. Таа изрази надеж дека по политичката криза наскоро, на демократски начин, ќе се реетаблираат државните институции, како следна фаза во стабилизирањето на земјата.  

Амбасадорката ја подвлече натамошната подготвеност на Швајцарската Конфедерација активно да продолжи со проектите во Република Македонија, особено со Собранието на Република Македонија, каде во Парламентарниот институт има директна финансиска и стручна улога во неговите активности. Исто така, информираше за новиот проект кој ќе има за цел да го опфати целото Собрание, за што дополнително ќе се разработат фазите, носителите и севкупните активности за неговата реализација.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Џафери, изрази благодарност за големата помош и поддршка од Владата и Парламентот на Швајцарската Конфедерација во градењето и унапредувањето на демократските капацитети на Република Македонија и особено на Собранието, при што изрази надеж дека тој континуитет ќе се задржи и во иднина. 

Двајцата соговорници разменија согледувања и очекувања и за немилите случувања од 27 април во највисокиот дом на граѓаните, за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за следните чекори поврзани со формирањето на нова влада како израз на парламентарното мнозинство, потоа за актуелната правна ситуација поврзана со распишување на локални избори (и во контекст на веќе започнатите проекти на општините со швајцарската Влада), како и за улогата на претседателот и на целото Собрание во оваа постапка согласно Уставот и законските одредби.  

Верувајќи во натамошната соработка, особено поради тесните човечки врски што двете држави ги имаат со децении наназад воспоставени преку бројната македонска дијаспора која живее, работи и реално придонесува во економскиот и социјалниот живот во Швајцарија, соговорниците изразија очекувања дека тесната, срдечна и пријателска соработка меѓу двете држави ќе продолжи со несмалено темпо и во следниот период.