Активности

Понеделник, 22 мај 2017

Средба на претседателот на Собранието, г. Талат Џафери со високи офицери и цивили од Кралскиот колеџ за oдбранбени студии од Лондон

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска во организација на Амбасадата на Обединетото Кралство во Република Македонија, оствари средба со делегација на високи офицери и цивили од Кралскиот колеџ за oдбранбени студии од Лондон, предводена од г. Николас Еванс. Колеџот е еден од најпочитуваните во светот за одбранбени студии, а како дел од студиите, делегатите имаат задача да разгледуваат одредени региони во светот. Покрај офицери од Обединетото Кралство, во нејзиниот состав се и офицери од повеќе региони од светот - од Европа, Нов Зеланд, Средниот исток, Мексико, Африка и Јапонија.

При посетите, основен акцент ставаат на размена на мислења и видувања по актуелни прашања од политичка природа, како и за стратешки прашања од одбранбен и безбедносен карактер.

Претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, искрено се заблагодари на честитките за изборот за претседател на Собранието, и укажа дека му претставува особено задоволство и предизвик да ја извршува оваа висока државна функција како претседател на сите пратеници во Собранието и преку тоа, на сите граѓани на Република Македонија. Информираше за тековната и идната работа на Собранието сврзана со изборот на новата Влада, како и формирањето на работните тела на Собранието, измените на Изборниот законик во контекст на локалните избори наесен и воопшто ставањето во функција на демократските институции на државата, по застојот предизвикан од политичката криза.

Членовите на делегацијата имаа интерес за повеќе прашања, како од внатрешно-политички аспект, така и во меѓународен контекст, при што соговорниците разменија мислења за: идните предизвици на новото Собрание, за улогата на Собранието како коректив на извршната власт, за европското и евроатлантското интегрирање на Република Македонија, прашањето за спорот со името, за односот, сензибилитетот и очекувањата на граѓаните на Република Македонија кон Европската унија како посакуван ентитет, како и за различните меѓународни влијанија во контекст на интеграцијата на балканските држави во НАТО.

Click