Активности

Вторник, 20 јануари 2015 година

Средба на претседателот Вељаноски со претседателот на Собранието на Република Албанија, г. Илир Мета

Претседателот на Собранието на Република Албанија, г. Илир Мета, од денеска престојува во официјална посета на Република Македонија, на покана на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски. 

Во рамките на посетата, двајцата претседатели остварија средба на која се разговараше за моменталните состојби во двете земји, за можностите за соработка и унапредување на севкупните односи. 

Претседателот Вељаноски, изразувајќи задоволство од посетата на г. Мета, подвлече дека билатералните односи меѓу двете земји се добри и дека постојано се движат во нагорна линија. 

Тој ја поздрави одуката на Европската комисија за доделување на статус на земја-кандидат за членство во Европската унија, како и подготвеност од страна на Македонија за пренесување на 8-годишното искуство како земја-кандидат за ЕУ членство, во контекст на усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ. 

Господин Мета, заблагодарувајќи се на гостопримството, изрази благодарност за поканата да ја посети Република Македонија и особено задоволство што ова е негова прва посета на Македонија како претседател на Собранието на Албанија. 

Претседателот Мета ја нагласи постојаната и безрезервна поддршка од Албанија за Република Македонија за нејзино членство во НАТО, како и увереноста дека двете држави припаѓаат во Европската унија. 

Дополнително, г. Мета се осврна и на развојот и изградбата на Коридорот 8, односно изградбата на железничката линија меѓу Албанија и Македонија, што дополнително би ги поврзало двете земји, како и регионот.

Двајцата соговорници се осврнаа и на етничките заедници кои живеат, работат и придонесуваат во двете држави; за нивната улога во општествата, како и за улогата и имплементацијата на Рамковниот договор. Тие ја подвлекоа улогата на Охридскиот рамковен договор и неговото целосно имплементирање. 

Господин Мета го информираше претседателот Вељаноски за средбата со градоначалникот на општина Пустец, при што темата била поголема поддршка кон понатамошната интеграција на македонското малцинство во Република Албанија.  

Соговорниците се согласија дека покрај солидната соработка, постои простор за унапредување на соработката на многу полиња, како енергетика, животна средина, земјоделство, образование, туризам и здравство.  

Click