Активности

Петок, 27 март 2015 година

Средба на претседателот Вељаноски со мексиканскиот амбасадор, Н.Е. Хосе Еваристо Рамон Шилоти Рамирес

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со новоименуваниот вонреден и ополномоштен  амбасадор на Соединетите Мексикански Држави за Република Македонија, со седиште во Белград, Н.Е. Хосе Еваристо Рамон Шилоти Рамирес, при што му посака добредојде и успешна работа.

Aмбасадорот Рамирес изрази благодарност за средбата, која ја смета за многу значајна за понатамошно извршување на неговата функција. Тој напомена дека ќе се залага за продлабочување на односите меѓу двете земји, за што изрази подготвеност и отвореност да работи на продлабочување на парламентарната соработка со меѓусебно разменување на идеи и иницијативи.

На почетокот на средбата, амбасадорот покажа интерес за начинот на кој се одвиваат интегративните процеси на Република Македонија, особено измените во законодавството кои треба да се направат за влез во Европската унија. Претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија успешно ги спроведува потребните реформи и без проблеми се прилагодува на потребните измени во законските регулативи.

Претседателот Вељаноски го информираше амбасадорот Рамирес дека има добиено покана за посета од страна на претседателот на Сенатот на Соединетите Мексикански Држави, г. Мигел Барбоса Хуерта, во која ја нагласува потребата за поголема парламентарна соработка помеѓу двете земји. Исто така, претседателот Вељаноски упати отворена покана до претседателот на Сенатот или до група сенатори, официјално да ја посетат Република Македонија, во време кое ќе се договори по дипломатски пат и ќе одговара на двете страни.

Двајцата соговорници оценија дека добрата политичка и парламентарна соработка помеѓу две држави, дава позитивен пример за да се развива соработка и на други полиња, дава позитивна слика на граѓаните, како и на бизнис заедницата. 

Претседателот Вељаноски го истакна значењето на економската соработка, за што Република Македонија постојано работи на подобрување на економските услови и бизнис климата. 

Амбасадорот Рамирес истакна дека трговската размена на Мексико со Република Македонија е на повисоко ниво отколку со другите земји во Регионот. 

На крајот од средбата, претседателот Вељаноски ја потенцираше отвореноста на Собранието на Република Македонија и неговиот Кабинет за континуирана комуникација и соработка со Амбасадата на Соединетите Мексикански Држави.  

Click