Активности

Петок, 10 јуни 2016 година, Софија

Средба на претседателот Вељаноски со претседателот на Националното собрание на Република Бугарија, г-ѓа Цецка Цачев

Во рамките на третата Пленарна сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, претседателот на Собранието на Република Македонија оствари билатерална средба со претседателот на Националното собрание на Република Бугарија, г-ѓа Цецка Цачева.

На почетокот, претседателот на Националното собрание се заблагодари за прифатената покана за учество на сесијата на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, што претставува можност за разменување на мислења во однос на стабилноста, процесот на европски интеграции и мигрантската криза во регионот.

За време на средбата, г-ѓа Цачева го запозна претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски за  работата на Собранието и за актуелните случувања во Бугарија.

Претседателот Вељаноски се заблагодари за поканата за учество и истакна дека добрососедските односи се од особено значење за стабилноста на регионот и брзото интегрирање на Република Македонија во Европската Унија, е од взаемен интерес на двете земји. Исто така, претседателот Вељаноски ја запозна г-ѓа Цачева со актуелните случувања во земјата како на политички, така и на економски и социјален план.

Во однос на политичките случувања во Република Македонија, двајцата соговорници беа согласни дека несогласувањата треба самите страни да ги решаваат заеднички и со помош на конструктивен дијалог.

Претседателот на бугарското Собрание се надева дека Република Македонија што поскоро ќе ја надмине политичката криза реализирајќи го пржинскиот политички договор.

На крајот на средбата, претседателот Вељаноски упати отворена покана до претседателот на Националното собрание на Бугарија да ја посети Република Македонија.

Click