Активности

Вторник, 14 октомври 2014 година

ЗАЕДНИЧКА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ, КОМИСИЈАТА ЗА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА И КОМИСИЈАТА ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊА

Националниот совет за евроинтеграции, Комисијата за надворешна политика и Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија денес одржаа заедничка седница посветена на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година.

На седницата беа поканети и присуствуваа претседателот и членовите на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, Шефот на делегацијата на Европската унија во Република Македонија и претставници на амбасадите на земјите-членки на Европската унија во Република Македонија.                

Клучните наоди од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година, беа презентирани од страна на г. Фатмир Бесими, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања. На заедничката седница свое обраќање имаше Н.Е. Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

Во расправата на заедничката седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки, учествуваа: г. Илија Димовски, потпретседател на Националниот совет за евроинтеграции; г. Антонијо Милошоски, претседател на Комисијата за надворешна политика; г-ѓа Нора Алити, заменик на претседателот на Комисијата за европски прашања; г. Кенан Хасипи, претседател на Мешовитиот парламентарен комитет РМ и ЕУ; пратениците: г-ѓа Солза Грчева, г-ѓа Роза Топузовска Каревска, г-ѓа Лилјана Поповска, г. Павле Трајанов, г. Мирван Џемаили, г. Александар Николовски, г. Владимир Ѓорчев; како и г. Димитар Мирчев, претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија и г. Насер Селмани од Здружението на новинарите на Македонија.

Националниот совет за евроинтеграции, Комисијата за надворешна политика и Комисијата за европски прашања, на заедничката сeдницата одржана на 14 октомври 2014 година, по повод расправата по Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Mакедонија за 2014 година, ги донесоа следниве ЗАКЛУЧОЦИ:

1. „Националниот совет за евроинтеграции, Комисијата за надворешна политика и Комисијата за европски прашања ја поздравуваат шестата препорака по ред на Европската комисија, за почеток на пристапните преговори за членство на Република Македонија во Европската унија. Советот и двете комисии сметаат дека оценките и коментарите содржани во Извештајот на Европската комисија одразуваат состојби во Република Македонија и постигнати резултати во 2014 година во процесот на европската интеграција, превземените одлуки, имплементираните мерки и донесени закони.

2. Советот и двете комисии истакнуваат дека препораките и заклучоците на Европската комисија презентирани во Стратегијата за проширување и главните предизвици 2014-2015, кои се однесуваат на Република Македонија, претставуваат дополнителен силен поттик на процесот на интеграција во Европската унија, за континуитет на превземените реформи со цел воведување на европските стандарди во општеството.

3. Имајќи ја предвид стратешката и консезуална определба за пристапување кон Европската унија потврдена и со Меморандумот меѓу политичките партии на Република Македонија потпишан на 16 септември 2013 година, Советот и комисиите укажуваат на потребата за вклучување на политичките партии од опозицијата во работата на Собранието, континуирана соработка и конструктивен и одржлив дијалог меѓу сите политички партии во рамките на институциите.

4. Националниот совет за евроинтеграции, Комисијата за надворешна политика и Комисијата за европски прашања ја поздравуваат посветеноста, континуираната поддршка и активниот ангажман на Европската комисија, во процесот на пристапување на Република Македонија во Европската унија.

5. Националниот совет за евроинтеграции, Комисијата за надворешна политика и Комисијата за европски прашања ја истакнуваат потребата од одржување на моментумот во однос на идните предизвици од Охридскиот рамковен договор, кој останува значаен за развој на демократијата и владеење на правото во земјата. Имплементацијата на Охридскиот рамковен договор и во иднина треба да послужи како алатка за унапредување на дијалогот меѓу заедниците.

6. Советот и комисиите констатираат дека донесувањето на одлуката да се отворат пристапните преговори ќе претставува придобивка за натамошно зајакнување и одржливост на реформите и за поттикнување на нови реформи во процесот на пристапување, за зајакнување на меѓуетничките односи како и за веродостојна европска перспектива на земјата.
Се потенцира дека евентуалното непостапување и по овогодишната препорака на Европската комисија наметнува потенцијални тешкотии и предизвици за Република Македонија и за Европската унија, истовремено се доведува во прашање и кредибилитетот на пристапниот процес.
Во оваа насока и согласно досегашните шест препораки на Европската комисија, се повикува Европскиот совет, конечно да донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија.
Се повикува Европскиот совет конечно да одобри преминување кон втората фаза на асоцијација од Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европските заедници и нивните земји-членки од една страна и Република Македонија од друга страна.

7. Се укажува на потребата за продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво, при што со отварање на поглавјата се динамизираат активностите за имплементација на европските стандарди, јакнење на демократските институции и владеењето на правото.

8. Советот и двете комисии истакнуваат дека отворањето на пристапните преговори на Европската унија со Република Македонија ќе придонесе за унапредување на меѓусоседските односи, особено на грчко-македонските односи како и за поголемо взаемно почитување, соработка, доверба и партнерство.
Се поддржува ставот на повеќе земји-членки на Европската унија дека паралелниот тек на преговорите за членството на Република Македонија во ЕУ со текот на грчко-македонските разговори ќе ја создаде потребната динамика за суштински напредок по двете важни прашања.
Во насока на конечно постигнување на заедничко прифатливо решение во врска со разликите за името, се истакнува дека од суштинско значење е натамошно одржување на македонско-грчкиот дијалог, почитувањето на Привремената спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, од страна на Република Грција, интензивирање на политичката заложба на сите страни вклучени во процесот под покровителство на ОН и активно вклучување на меѓународната заедница.

9. Советот и комисиите ја поздравуваат употребата на придавката „македонски“ во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година, што е во согласност со принципот на почитување на европските различности и во контекст на јазичните и културните особености во Република Македонија и согласно официјалната терминологија на Обединетите нации.

10. Советот и комисиите препорачуваат надлежните субјекти во државата со целосна одговорност и критичност да ги анализираат забелешките во Извештајот на Европската комисија и да преземат мерки и активности за надминување на слабостите, особено оние спомнати во заклучоците и препораките од Стратегијата за проширување и главните предизвици 2014-2015.
Советот и комисиите предлагаат Владата на Република Македонија да изготви план за реализација на препораките од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година, со носители и рокови за реализација.

11. Советот и комисиите ја нагласуваат потребата за континуирано одржување на политичкиот дијалог со структурите на Унијата и продолжување на соработката со земјите-членки, и повикуваат на позитивна афирмација на Република Македонија како идна полноправна членка на Европската унија.  
Се потенцира важноста за продолжување на регионалната соработка и учеството на Република Македонија во регионалните иницијативи, Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Советот за регионална соработка, Централно-европската иницијатива, Договорот за енергетската заедница и Централноевропскиот договор за слободна трговија.

12. Националниот совет за евроинтеграции и во иднина ќе продолжи посветено и континурано да ја остварува улогата на инклузивен форум кој што придонесува за унапредување на политичкиот дијалог и одржувањето на широк национален консензус за европската интеграција на Република Македонија.

13. Со заклучоците од заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции, Комисијата за надворешна политика и Комисијата за европски прашања, по повод расправата по Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014, да бидат запознати Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија и Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

14. Заклучоците да се објават на интернет страницата на Собранието на Република Македонија за да бидат достапни до пошироката јавност". 

  записник                      стенографски белешки

Click