ЕУ вести

Понеделник, 20 ноември 2017 година

„Лукс“ за „Sámi Blood“

Филмот „Sámi Blood“ на шведската режисерка Аманда Кернел е добитник на овогодинешната награда „Лукс“ на Европскиот парламент.

Станува збор за трогателна приказна за млада девојка која сонува за поинаков живот, ја напушта својата заедница, но притоа се соочува со расизам.

Главните улоги ги толкуваат Сами актерките Лине Сесилија Спарок и Миа Спарок, кои примајќи ја наградата, изјавија: „Сè уште сме тука; сè уште постоиме. Секој ден нашите луѓе ги гледаат ефектите од колонијалното и расистичко размислување, како и од климатските промени. Обединетите нации тврдат дека нашиот јазик е речиси исчезнат. Добивањето на оваа награда е како одмазда на постарите генерации на Сами кои биле третирани како ‘помалку’ луѓе. Се надеваме дека Европската Унија ќе стави крај на сето ова за да можеме да престанеме да размислуваме во смисла на ‘нас’ и ‘нив’“.

Инаку, Сами или уште познати како Лапонци, се народ кој живее на северот од Норвешка, Шведска, Финска и рускиот полуостров Кола, со долга историја и специфичен начин на живот.

Останатите два филма кои беа во финалната конкуренција за наградата „Лукс“ беа  „Western“ и „BPM (Beats per minute)“.

„Оваа година финалисти беа три филма кои се занимаваат со теми со кои секој ден се среќаваме во Собранието. Наградата на ЛУКС има за цел да го одбрани европскиот културен идентитет, како и европската филмска индустрија, која претставува голем сектор на европската економија“, истакна претседателот на Европарламентот, г. Антонио Тајани.