Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Четврток, 21 декември 2017 година

Посета на претседателот Џафери на општина Пустец

Во склоп на официјалната посета на делегацијата предводена од претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, на Република Албанија, се оствари посета на општина Пустец.

Претседателот Џафери беше пречекан од страна на потпретседателот на општината, г. Андон Јани; претседателката на советот на округот Корча, г-ѓа Ана Веруши и советниците на општина Пустец. 

Претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, изрази големо задоволство од можноста да ја посети општина Пустец и воедно ја истакна потребата од проширување на прекуграничната соработка, како потенцијален ресурс за инфраструктурен, економски и туристички развој. Исто така, претседателот Џафери нагласи дека етничките заедници се мост на поврзување меѓу двете држави и тие придонесуваат кон пријателските односи помеѓу Република Македонија и Република Албанија.

За време на средбата беа спомнати и позитивните напори од двете држави во насока на креирање на позитивна клима за подлабока соработка во областите од клучен интерес за двете држави. Позитивен пример е и неодамнешното одржување на заедничката седница помеѓу владите на двете земји, како и интензивирањето на заемните посети на високо ниво.

На крајот на средбата, беше истакнато дека општина Пустец е дел од Преспанскиот национален парк, кој заедно со околниот регион се природен бисер и богатство со огромен туристички потенцијал, што треба да биде заштитен, сочуван и промовиран од трите соседни земји, односно Република Македонија, Република Албанија и Република Грција.

По завршување на средбата, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, даде изјава за медиуми.