Собраниско раководство

Среда, 20 декември 2017 година, Тирана

Претседателот Џафери во официјална посета на Република Албанија 

На покана од претседателот на Собранието на Република Албанија, г. Грамоз Ручи, Делегација предводена од претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, е во официјална посета на Република Албанија. Во состав на делегацијата се пратениците кои се воедно и членови на Групата за соработка со Парламентот на Албанија: г. Ејуп Алими, г-ѓа Бети Рабаџиевска-Наумовска и г. Реџеп Мемеди.

Претседателот на Собранието, г. Џафери, беше дочекан со високи државни почести на аеродромот во Тирана, а првата средба на оваа официјална посета се оствари со домаќинот, претседателот на Собранието на Република Албанија, г. Грамоз Ручи. 

Посакувајќи му добредојде на својот хомолог, претседателот Ручи истакна дека овие средби на високо парламентарно ниво се од особено значење. Република Албанија е силен поддржувач на Република Македонија во однос на интеграцијата на земјата во НАТО. Што се однесува до евроинтеграциските процеси, двете земји треба заемно да се поддржуваат бидејќи иднината на целиот регион е влез во големото европско семејство. 

Двајцата соговорници разговараа за актуелните случувања во двата парламенти, како и за предвидените парламентарни активности во наредниот период и заеднички констатираа дека двата парламента треба да ја зајакнат соработката на ниво на групи за соработка, комисии и на административно ниво.

Претседателот Џафери истакна дека за него претставува особена чест да оствари официјална посета на пријателска Албанија, со која имаме одлични билатерални и мултилатерални односи и потенцираше дека парламентарното мнозинство се залага за добрососедска политика и евроатланска интеграција. Притоа, ја поздрави поддршката што Република Албанија како членка на НАТО ѝ ја дава на Република Македонија.

Претседателот Ручи истакна дека се посветува посебно внимание на малцинствата кои живеат во Албанија, а за тоа добар пример е македонското малцинство во Пустец. 

За време на средбата се истакна дека двете соседни земји споделуваат заеднички интереси во многу области, и во таа насока од големо значење се економските, инфраструктурните и енергетските проекти, како што е изградбата на патот Ќафасан - Елбасан, како дел од Коридорот 8, автопатот Елбасан – Дебар, како и железничката врска меѓу двете земји, проекти кои што се во завршна фаза.

Двајцата соговорници се согласија дека оваа официјална посета е продолжение на одличната соработка на парламентарно ниво, при што ги охрабрија парламентарните групи за соработка на двата парламента да ги интензивираат односите. 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, се потпиша во книгата на гости во Албанскиот парламент. 

По завршување на средбата, двајцата претседатели дадоа изјави за медиуми. 

Click