Собраниско раководство

Петок, 5 мај 2017 година

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО, Г. ТАЛАТ ЏАФЕРИ ОСТВАРИ РАБОТНИ СРЕДБИ СО ВИСОКИ ПРЕТСТАВНИЦИ НА ЕУ

Во рамки на својата работна посета, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средби со  г-ѓа Федерика Могерини, Висока претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија, Јоханес Хан, Комесар за добрососедска политика и проширување на Европската комисија и пратениците во Европскиот Парламент Иво Вајгл, Едуард Кукан, Алојз Петерле и Кнут Флекенштајн.

Високите претставници на Европската унија уште еднаш го поздравија изборот за претседател на Собранието на г.Талат Џафери и ја потврдија заложбата на Европската унија за соработка со новоизбраниот претседател во интерес на граѓаните на Република Македонија. Претставниците на Европската унија потенцираа дека очекуваат набрзо да заврши процесот на избор на нова Влада, за која еден од клучните приоритети ќе биде ефикасната и целосна имплементација на Итните реформски приоритети.

Претставниците на Унијата истакнаа дека очекуваат сите политички партии во Република Македонија да покажат конструктивност и да останат посветени на процесот на реформи и интеграција во Европската унија.

Претседателот Џафери ги информираше соговорниците дека постапи согласно своите уставни и деловнички надлежности и превзеде активности во насока на отпочнување на процедурата за доделување на мандатот за избор на нова Влада.
Истотака, тој истакна дека во рамки на роковите предвидени со Деловникот на Собранието на Република Македонија ќе ги свика претставниците на парламентарните политички партии, со цел да договорат насоки за идното работење на Собранието.

Претседателот Џафери ја потврди определбата на Република Македонија за членство во Европската Унија и ја потенцираше важната улога на Собранието во тој процес, за што тој силно се заложува. 

Click