Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Петок, 9 март 2018 година

Средба на претседателот Џафери со амбасадори на Република Австрија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со амбасадорите на Република Австрија во Атина, Подгорица, Сараево, Приштина, Белград и Брисел, предводени од д-р Клаус Вулфер, раководител на Одделот Западен Балкан и проширување на ЕУ од Министерство за надворешни работи на Австрија. На средбата присуствуваше и амбасадорката на Република Австрија во Република Македонија, м-р Ренате Коблер. 

Претседателот Џафери изрази задоволство од средбата во овој најповолен момент за земјата која аспирира да биде дел од Европската Унија и да ги примени европските вредности кои се пред сè значајни за сите нејзини граѓани. Република Македонија премости многу тешки предизвици во изминатиот период, но сепак земјата успеа да се врати на нејзиниот евроинтеграциски пат и да работи посветено на обврските кои произлегуваат од евроатланските интеграции. 

Претседателот Џафери, ги информираше присутните за преземените активности од Планот 3-6-9 на Владата на Република Македонија во делот на Собранието и рече дека се во фаза на заокружување. 

Во доменот на градењето добрососедски односи, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија е ратификуван во двата Парламента и истиот е стапен на сила, а има и интензивирање на директната комуникација меѓу Република Македонија и Република Грција околу изнаоѓање на решение околу разликите кои Грција ги има со уставното име на Република Македонија.

Господин Вулфер, заблагодарувајќи се за реализацијата на средбата, истакна дека Делегацијата е во посета на Регионот, со цел подобро да се информира за актуелните случувања во пресрет на австриското претседавање со Советот на ЕУ од јули оваа година. Тој ги констатираше одличните односи и силните долгогодишни врски кои постојат меѓу Република Македонија и Република Австрија и дека со особена посветеност ги следат актуелните случувања во земјата. Притоа, му честиташе на претседателот Џафери за начинот на функционирање на Собранието на Република Македонија и му посака среќа во изнаоѓање модалитети и решенија за дијалог со опозицијата. Господин Вулфер нагласи дека фокусот на Западен Балкан и неговата европска перспектива ќе остане непроменет, бидејќи Австрија и Европа пошироко, посакуваат безбеден, стабилен и просперитетен регион и во рамките на претседателството на Тројката, преку Декларација, сакаат уште еднаш да ја потврдат европската иднина на земјите од Регионот.

Претседателот Џафери на крајот изрази очекување дека Извештајот за напредокот за 2017 година на Европската комисија во март оваа година, позитивно ќе го оцени напредокот на Република Македонија и ќе содржи јасна и безусловна препорака, со очекување дека до крајот на 2018 година ќе се добие и датум за преговори за членство во ЕУ.