Собраниско раководство

Вторник, 1 август 2017 година

Средба на претседателот Џафери со делегација од Република Бугарија предводена од премиерот Бојко Борисов

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери денеска оствари средба со делегација од Република Бугарија предводена од премиерот Бојко Борисов, која престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија.

Во делегацијата беа и пратениците од Народното собрание на Република Бугарија, г-ѓа Џема Грозданова, претседател на Комисијата за надворешна политика, г. Борис Ванѓелов, претседател на Групата за пријателство со Македонија и г. Станислав Станов. На средбата од македонска страна, беа присутни г. Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата и г. Ејуп Алими, координатор на пратеничката група на ДУИ. 

Претседателот Џафери истакна дека денешниот ден ќе биде забележан како меѓник на означување нова страница во односите меѓу двете држави, заради значајниот исчекор што двете држави го направија со заокружување на долгогодишните напори преку потпишување на Договор за пријателство, добрососедство и соработка, за која изрази уверување дека ќе се интензивира во иднина, особено заради декларираната договорна поддршка на Република Бугарија да сподели сопствени искуства со Република Македонија околу членството во НАТО и Европската Унија. 

Претседателот Џафери ја искористи приликата и упати официјална покана до неговиот колега, претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, г. Димитар Главчев, да ја посети Република Македонија во првата половина на 2018 година за време на Бугарското претседателство со Советот на Европската Унија, со што ќе се даде нов импулс кон напорите на Република Македонија за отпочнување преговори за членство во ЕУ.

Премиерот на Република Бугарија, г. Бојко Борисов, изрази задоволство од реализацијата на средбата и од чинот на потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, кој треба да понуди една нова перспектива во односите и да ги остави во историјата многувековните и децениски несогласувања меѓу двете држави. Тој ја нагласи консензуалната поддршка добиена од страна на сите пратеници во Народното собрание на Република Бугарија за потпишување на Договорот, со донесување на посебна Декларација. Приоритет на Република Бугарија е што поскоро зачленување на Република Македонија во НАТО и Европската Унија и нејзин просперитет и благосостојба на сите нејзини граѓани, како и зајакнување на меѓусебните врски преку подобрување на инфраструктурата на Коридорот 8 кој ги поврзува двете држави.  

Соговорниците изразија заедничко уверување дека само преку отворен и искрен дијалог може да се зајакнат мостовите на заедничките заложби за натамошен континуитет на пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија.     

Click